Македонија
Oсмани од Јордан најави продлабочување на економската и културната соработка
Во рамки на првата работна посета на Хашемитското Кралство Јордан, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со заменик премиерот и министер за надворешни работи и иселеништво, Ајман Сафади.
Во фокусот на разговорите беа темите поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Јордан, на билатерално и мултилатерално ниво, како и начините за нивно понатамошно унапредување, во периодот што следи. Особено значаен аспект беше потпишувањето на Протоколот за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи, со кој се олеснува и поттикнува соработка и непосредна комуникација на политичко, економско, научно, културно и други полиња на интерес.
„Денешната посета претставува потврда на заемните заложби за интензивирање на односите, особено во делот на економијата, бизнис релациите и културните врски. Искрено, очекувам одличното ниво на соработка, да се интензивира со зголемена динамика, затоа што ја делиме истата посветеност на мир и стабилност, и во регионот и ширум светот“, истакна Османи.
На средбата стана збор и за интересот на Северна Македонија за членство во Унијата за Медитеранот, при што Османи изрази благодарност за јорданската недвосмислена поддршка за реализирање на оваа цел.
„Идното членство на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот ќе обезбеди поблиско вмрежување и интеграција во европските структури што работат со регионот на Средоземното Море и подобра интеракција со јужното соседство на Европската Унија. Тоа дополнително ќе придонесе за потесна соработка нашите земји за зајакнување на медитеранскиот регион и создавање можности за нови проекти во насока на креирање посилен и инклузивен регион”, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради врнежи од снег воведена забрана за камиони и автобуси на патот Тетово-Попова Шапка
Поради врнежи од снег од 07:45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
Претходно АМСМ информираше дека во 5.45 часот изутрина воведена е забрана за камиони и автобуси на патот село Лисец-Попова Шапка.
По целосниот прекин на патот Кичево – Гостивар предизвикан од одрон во 5.40 часот изутрината, екипа од Македонија пат ја исчисти едната сообраќајна лента и сообраќајот од 06.50 часот се одвива наизменично.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата каде се запленети 30 тони дрога
„Наместо спин и манипулација, Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата во која се запленија 30 тони дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека по, како што велат, обидите на Филипче и СДС да ѝ „сервираат“ информации на јавноста околу темата за канабисот, треба да дадат објаснување за фотографија со Тони Котев, сопственик на фирмата „ЦБД Медплант“, која, според ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со нелегална марихуана.
Во соопштението се споменуваат поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека стојат зад процеси поврзани со издавање лиценци за медицински канабис.
Партијата наведува дека во 2020 година имало иницијатива за легализација на марихуаната, а по неуспехот, според нив, следувало масовно издавање лиценци за медицински канабис на лица блиски до СДС. Како што се додава, струмичкиот регион станал центар на производство.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и на измените на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, со кои, според нив, било дозволено одгледување и на отворено, оценувајќи дека тоа е во колизија со законските одредби и ГМП стандардите за медицинско производство.
„По големите заплени на марихуана од компании со лиценци за медицинско производство, каде во прашање се 40 тони, околу 30 тони потекнуваат од ‘ЦБД Медплант’, фирма основана во 2018 година од блиски луѓе до Заев“, се наведува во соопштението.
Од партијата прашуваат каде завршувала марихуаната што, како што тврдат, не можела да се користи како легален медицински производ и дали станува збор за лични или партиски интереси.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи, како што велат, целосната релација помеѓу Заев и Филипче и нивната можна вмешаност и одговорност во случајот со запленетите 30 тони марихуана, нагласувајќи дека јавноста заслужува транспарентност и еднаквост пред законот.
Македонија
СДСМ прашува кој дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони
„Кој во власта дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони, нелегално? Поминаа 15 дена и сè уште нема одговор за најголемиот нарко-скандал во регионот – како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара“, велат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека, како што наведуваат, „сите молчат“ и ги прозиваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и функционерите Александар Николовски, Јохан Тарчуловски и Бојан Томовски.
Според СДСМ, соочени со, како што тврдат, сопствената одговорност, претставниците на власта започнале медиумска кампања и лицитирале со наводно запленети 100 тони марихуана, за која велат дека била нелегално произведена.
„Но, така заглавија уште подлабоко. Ако некој успеал нелегално да произведе 100 тони марихуана, тоа е уште една потврда дека вината е целосно кај Владата и институциите кои тоа го дозволиле, не го контролирале и не го спречиле“, наведуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека за производство на 100 тони марихуана е потребна површина од над 30 хектари, што, според нив, е еднакво на повеќе од 40 фудбалски стадиони, и прашуваат кој дозволил толкава површина да се одгледува во државата и зошто не била направена ниту една теренска контрола.
СДСМ прашува и како безбедносните служби не забележале толкава количина дрога да се транспортира, складира и пакува, како и што правеле АНБ и АР. Во соопштението се поставува и прашањето како 5 тони дрога поминале преку граница, покрај системот „Сејф сити“, скенери, контроли, полиција и царина.
„Нема одговор на овие прашања затоа што одговорноста за нарко-скандалот е во врвот на власта. СДСМ нема да дозволи овој нарко-скандал да се заташка. Нема бегање од одговорноста. Сите ќе одговарате“, се наведува во соопштението.

