Македонија
Oсмани: Ја цениме поддршката на меѓународните партнери, имаме уникатна можност, а клучот е кај нас
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари одвоени средби со амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, и со заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер.
Во фокусот на средбите беа политичките актуелности во земјата, со посебен акцент на околностите во кои се води јавната расправа за предложените уставни измени и напорите на Владата да обезбеди континуитет на почнатите пристапните преговори за членство во Европската Унија без застој.
„Имаме одлична, може да се рече – уникатна можност, да обезбедиме пристојна европската иднина за нашите граѓани, што е воедно стратешка цел и определба на нашата држава и институции, но и јасна и недвосмислена волја на нашите граѓани. Овој пат клучот е кај нас и со особена благодарност гледаме на поддршката на нашите меѓународни пријатели, кои обезбедија навистина сериозни гаранции со поддршка за земјата во овој процес“, нагласи Османи.
„Во меѓувреме, државата продолжува да работи на внатрешните реформи и успешно да го хармонизира законодавството со правото на Европската Унија, потврдено и во извештаите на Европската комисија“, додаде министерот.
На средбите беа отворени и темите од регионален карактер, особено во контекст на европска интеграција на целиот регион на Западен Балкан.
„Актуелните безбедносни и геополитички предизвици, потребата од долгорочен и ефикасен реформски процес кај сите земји од регионот и сѐ уште актуелните потреби за помирување и затворање на отворените билатерални прашања ги обременуваат односите во регионот и европската перспектива мора да ја задржи трансформативната моќ на Балканот“, посочи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На свечена церемонија, утре Пендаровски ќе и’ ја предаде функцијата на Силјановска-Давкова
Во Кабинетот на претседателот, утре – 12 мај ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и претседателот Стево Пендаровски предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија денеска и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. ДИК ќе треба да достави извештајот до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат.
Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
Aхмети тврди дека со челниците на „Вреди“ во јануари потпишале декларација дека ќе владеат само со партии што поддржуваат уставни измени
ДУИ тврди дека и првите луѓе на коалицијата „Вреди“ (Влен), со кои ВМРО-ДПМНЕ договара коалицирање во новата Влада, се потписници на декларација во која уверуваат дека ќе владеат заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата рече дека декларацијата била потпишана во јануари годинава.
Во неа, се наведува дека почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ) носи стратешки и значајни придобивки за нашата земја, а потписниците со обединет глас се придружуваат да одговорат на итната потреба за решавање и стабилност во земјата.
„За овие цели ние како политички партии изјавуваме: ‘Ние, долупотпишаните политички партии, имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ. Потписи на партиски претставници (наредени по азбучен ред): Арбен Таравари, Африм Гаши, Али Ахмети, Билал Касами и Изет Меџити“, стои во документот што го прочита Ахмети.
Претпладнево се случи првата рунда на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, по којашто партиите соопштија дека ги договориле општите начела за идната Влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Од тука додадоа дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите за коалицирање.
Во изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ излегоа со различни ставови за уставните измени, но во повеќе наврати беше потенцирано дека разговорите на таа тема ќе бидат ставени на маса по завршувањето на изборите.
Македонија
„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен
Денеска беше остварена средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна не ВЛЕН беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
„Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото“, објави ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање.