Македонија
Oтворен е конкурсот за ЕУ наградите за истражувачко новинарство
Отворен е конкурсот за „Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство 2024“.
ССНМ ги поканува сите новинари од Македонија кои имаат објавено истражувачки стории во текот на претходната календарска година да се пријават за ЕУ наградата за истражувачко новинарство. Наградата има за цел да ја подобри слободата на изразување, да го подржи владеењето на правото и да фрли светло на различни прашања кои влијаат на националните и регионалните случувања. Тоа може да вклучува организиран криминал, корупција, екстремизам, странски влијанија, прекршување на човековите права (вклучувајќи и во онлајн сферата), и други суштински прашања од јавен интерес.
Како дополнување на националните награди, втора година по ред ќе биде доделена и регионална награда за истражувачко новинарство. Регионалната награда има за цел да поддржи разработка на прашања од прекугранично значење и да адресира предизвици кои регионално влијание.
Годишниот награден фонд за Македонија изнесува 10.000 евра. Дополнително, наградниот фонд за регионалните награди изнесува исто така, 10.000 евра. Ќе бидат избрани три најдобри стории на национално, и три на регионално ниво, при што паричните награди изнесуваат по 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ место и 2.000 евра за трето место.
Секој кандидат може да пријави свои стории за националната, за регионалната или и за двете награди. Еден кандидат на конкурсот може да пријави најмногу три стории.
Жири-комисијата ја сочинуваат локални и меѓународни експерти, уредници, академици и искусни новинари, со цел да се обезбеди фер и строг процес на оценување. Оваа година членовите на жири-комисијата за националната награда ќе имаат ексклузивно право сториите кај кои ќе препознаат регионална вредност да ги предложат и за регионалната награда, дури и во случај тие стории при аплицирањето да не биле пријавени за тој конкурс. Доколку пријавените не освојат една од трите награди на националниот конкурс, сепак може да се натпреваруваат за регионалната награда доколку ги исполнуваат критериумите.
Конкурсот за ЕУ наградата за истражувачко новинарство 2024 го организира „Томсон Mедија“, а спроведувач во Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), организации со децениско искуство во развој на медиумите, промоција на правата на новинарите и професионалното новинарство.
Како и минатата година, конкурсот е дел од проектот „Зајакнување на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција 2“, кој има за цел подобрување на видливоста на квалитетното новинарство во регионот.
Овој проект е финансиран од Европската Унија и е спроведуван од конзорциум кој го сочинуваат Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) – Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).
Рокот за поднесување апликации е 13 јуни, 2024 до полноќ.
За повеќе детали за процесот, како и за потребните документи за аплицирање кликнете тука.
За дополнителни прашања пишете на електронската пошта: [email protected]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

