Македонија
Објавени тестовите за екстерно за средно образование
Прашањата коишто ќе бидат дел од тестовите при процесот на екстерно тестирање за учениците од завршните години во средното образование, се објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk. соопшти Министерството за образование и наука.
„Јавниот базен содржи 50 400 прашања, за гимназиско и стручно образование за сите струки, насоки и предмети, а се достапни на македонски, албански и турски јазик. За секој предмет се генерирани прашања во зависност од неговата застапеност во наставниот план, односно бројот на часови. За предмет застапен со 1 час неделно, генерирани се 50 прашања, за предмет со 2 часа неделно генерирани се 100 прашања, за предмет застапен со 3 часа неделно генерирани се 150 прашања. Секој ученик може на едноставен начин, преку менито на интернет страница prasanjaeksterno.dic.edu.mk, да ги обезбеди оние прашања по предметите коишто го засегаат“ се вели во соопштението.
Оттаму апелираат доколку некој од учениците или било кој граѓанин забележи извесна грешка од техничка или друга природа, која е возможно да постои имајќи ја во предвид количината на прашањата, да пријави со само еден клик на апликацијата/прозорчето поставено веднаш до секое прашање.
„За други прашања или сугестии коишто не се поврзани со содржината, односно со технички корекции на прашања, може да се испрати мејл на адресата [email protected], на што операторите од Државниот испитен центар ќе одговорат во најкраток можен рок. Оваа можност ќе биде достапна до 6 јануари 2015 година, по што, откако ќе бидат вметнати сите издржани забелешки, повторно ќе биде креирана и објавена финалната база на прашања“ додаваат од Министерството.
Вкупно 20.567 ученици од завршните години (трета и четврта година) во 98 средни училишта ќе полагаат од 26 до 30 јануари, додека 3 дена претходно секој ученик ќе биде известен по кои 2 предмети ќе биде тестиран. Резултатите ќе бидат објавени на 2.2.2015 година. Дополнително, процесот на екстерното тестирање во оваа фаза ќе опфати и 3.923 наставници по 2.622 предмети./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Групација за производство на цигари: Предложениот закон за заштита од пушење сериозно ќе загрози значајни сегменти од индустријата, бизнис секторот и економијата
Групацијата за производство на цигари, која е дел од Здружението на производители на тутун и производи од тутун во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија, ја поздрави иницијативата на Министерството за здравство за модернизација на постојниот Закон за заштита од пушење гледајќи го како нормален чекор кон адаптирање на домашната пазарна реалност, но смета дека вака предложениот нацрт-закон ќе создаде правна неусогласеност (или ретроградност во усогласување со постојната законска регулатива), загрозување на индустријата, удар врз малите и средни бизниси, како и поттикнување на нелегалната трговија.
Според Групацијата, нацрт-законот за заштита од пушење е направен според словенечкиот модел, но тој не може да биде применлив во земјава, пред сé бидејќи двете држави се разликуваат по многу параметри: во Македонија суровиот тутун е стратешка земјоделска култура чие одгледување, производство и откуп се стимулирани од државата, имено во историски најголем обем на откуп и цена. Во земјава активно работат две фабрики за производство на тутунски производи, кои придонесуваат со голем удел во приходите во државниот буџет, извозниот капацитет и вработуваат неколку стотини македонски граѓани.
„Тоа што е заедничко со Словенија е дека и Република Македонија, како земја кандидат во ЕУ, е под постојан мониторинг и евалуација на позитивното законодавство од страна на телата на ЕУ задолжени за проширување, кои до сега нотирале позитивен напредок и висок степен на усогласеност со ЕУ директивите. Еден таков закон е Законот за тутун, тутунски и сродни производи“, велат од Групацијата.
Според Групацијата еден од најголемите недостатоци со предложување на комплетно нов текст на Законот за заштита од пушење е нормативно-правната неусогласеност со позитивните закони и прописи кои ја регулираат оваа проблематика, особено со Законот за тутун, тутунски и сродни производи.
„Новиот нацрт-закон содржи многу недоследности во клучните дефиниции, со што прави правна забуна во многу области, наспроти желбата да се осврне на јавно-здравствениот момент. Оваа неусогласеност особено е изразена во изедначувањето на цигарите и алтернативните тутунски производи, кои во новиот нацрт-закон се ставаат во една иста категорија, што е апсолутно неточно бидејќи овие категории веќе се посебно дефинирани во постојниот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи. Изедначувањето на сите категории производи и особенo, внесувањето новокреирани нејасни термини, претставува назадување на постојната воспоставена регулаторна рамка“, велат од таму и додаваат дека во контекст на споменатото е занемарувањето на бројни светски, регионални и локални истражувања кои докажале дека има значителна разлика меѓу цигарите и производите без чад – објаснуваат од Групацијата.
Вториот значаен аспект на предложеното законско решение, според Групацијата, е сериозното негативно влијание врз целокупната економија во земјата, малите и средните претпријатија, но и врз приливите во државниот буџет.
Дополнително, велат од таму, се очекува забраните на домашниот пазар да ја поттикнат нелегалната трговија на тутунски производи во земјава, што исто така негативно ќе влијае врз државниот буџет.
Групацијата истакнува дека нацрт-законот ќе доведе до сигурно намалување на работните места во тутунската индустрија и угостителскиот сектор, како и тежок удар врз малопродажниот трговски сектор, кој се очекува да ја загрози егзистенцијата на повеќе од 4.000 малопродажни места во државата, од кои голем дел се мали и семејни бизниси, без притоа да понуди модел решение и транзиционен период за прилагодување на тековната работа и залихи во сите канали.
„Забраната би предизвикала сериозни финансиски последици врз малите семејни бизниси (тобака, мини маркети), намалена продажба, но и поттикнување нелегална трговија. Дополнително, забраната би предизвикала спротивен ефект од она што ние со години се обидуваме да го постигнеме – контролирана комуникација и обучен вработен кадар кој се грижи информацијата да стигне само до полнолетните корисници. Слично е и со забраната на производи со ароми и вкусови, која, како и кај другите забрани, нема да доведе до намалување на бројот на пушачи, туку само до намалување на приходите и поттикнување нелегална трговија, што се покажа во повеќето земји во кои се забранети аромите и вкусовите, како што е и Словенија“,велат од Групацијата.
Третиот голем недостаток на нацрт-законот, според Групацијата, е што не нуди решенија и прецизирање наспроти многубројните новововедени забрани за тоа како да се имплементираат предложените мерки во пракса, што остава простор за сериозни недоречености и несигурност при примената на законот.
„Во овој контекст, недоволно прецизно и јасно се дефинирани и локациите на кои е забрането и тие на кои е дозволено пушењето и користењето алтернативни тутунски производи, што ќе овозможи различни толкувања од страна на бројните инспекциски служби и реален проблем при спроведување на прописот“, велат од таму.
Групацијата истакнува дека е неопходна темелна доработка и усогласување на нацрт-законот со македонската економска реалност и со принципите за намалување на штетноста, односно потребно е Законот да се донесе по сериозни и сеопфатни консултации со сите засегнати страни, што ќе овозможи заштита на јавното здравје.
фото/Depositphotos
Македонија
АМСМ: Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, информира АМСМ.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“, велат од АМСМ.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Од АМСМ наведуваат дека кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Македонија
АВМУ реагира на нападите на новинари и медиуми од страна на СДСМ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми, соопшти Агенцијата.
„Агенцијата потсетува дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност се темелни демократски вредности. Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите. Медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации. Напротив, тие треба да имаат можност непречено, слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси“, се наведува во реакцијата.
Агенцијата ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.

