Македонија
Објавено досието на уредничката на „Фокус“
Уредничката на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова самоиницијативно се пријавила да биде извор на сознанија за две лица кои биле интересни за службата поради нивната поинаква политичка припадност, се вели во решението на Комисијата за верификација на фактите коешто беше објавено во понеделникот попладне на интернет страницата на Комисијата.
Според решението,Јадранка Костова на службено лице на Службата за државна безбедност (СДБ) му давала повеќе информации за овие лица дека застапувале теза за бугарскиот карактер на Македонија, дека ги величеле Ванчо Михајлов и Тодор Александров, дека поседувале поголема количина на календарчиња со ликовите на Ванчо Михајлов и Тодор Александров и дека ги делеле во Македонската радио телевизија.
„Се утврди дека службеното лице имајќи ги во предвид досегашните сознанија за пробугарската ориентација на лицето Перев Владимир, кој бил организатор во МРТВ, исказите на Јадранка Костова ја потврдуваат неговата активност поради што се налагало засилен оперативен третман и по можност документирање на неговата активност“, пишува во решението.
Објавена е и репродукција на разговор објавен на 30 јануари 1996 година меѓу инспектор од СДБ и лицето со псевдоним Тутунар. Комисијата утврдила дека Костова пренесувала сознанија за „Тутунар“ на тогашниот министер за внатрешни работи, кој веднаш по неговото стапување на функцијата се интересирал за него.
„Се утврди дека Костова имала средби најпрво со службеното лице на СДБ, а покасно и со директорот на СДБ, како и тоа дека нивната соработка била континуирана еден подолг период. Според сознанијата што ги имал „Тутунар“, Јадранка Костова заедно со тогашниот директор на СДБ биле во Рим кај лице опфатено во друго лично досие, како и тоа дека таму Костова искористувајќи ја наводно можноста за некакво интервју со тоа лице за Македонската радио телевизија, заедно со директорот на СДБ преговарале за добивање на книгите на Иван Михајлов, бидејќи лицето каде што биле, била негова секретарка“, се вели во решението.
Костова од 1993 година до 1996 година соработувала со СДБ давајќи информации за „Тутунар“ како и за жената кај којашто биле во посета во Рим, констатирале членовите на Комисијата за верификација на фактите и ова решение го изгласале со мнозинство гласови.
Костова во колумна којашто ја објави викендов ја објаснува ситуацијата за којашто вели дека била полициска местенка која денес се користи за нејзино оцрнување.
„Во емисијата „Без наслов но со повод“ имав дуел во кој спротивставија ставови д-р Јован Донев ( актуелен амбасадор на Р.Македонија во Лондон, а во тоа време претседател на градската организација на СДСМ) и извесен Цеков којшто беше на линијата дека Македонците се Бугари. Ова шокираше дел од јавноста, а особено од власта. Знам дека раководството на МРТВ имаше притисоци да ме суспендира, ама имаа рбет да издржат. И така преживеав без казна. Мојот пристап беше дека не смее да има табу теми, туку сите тези што се сметаат опасни треба да се поразат на јавна сцена. Арно ама, веднаш потоа во нашата редакција почна интензивно да доаѓа дотичниот организатор, и уште поагресивно да нѐ провоцира дека сме ти биле Бугари и сè во тој стил. Нам првично ни беше смешно, но сериозно се загриживме кога почна да доаѓа во редакција и кога имавме емисија, со многу гости, а тој држеше говори во свој стил. Сметавме дека ова е веќе полициска провокација, која што има за цел да нѐ тестира или да нѐ претстави како некакво „дувло“ (така, нели, се викаше и акцијата за штабот на ВМРО-ДПМНЕ), коешто шири негаторски тези за македонската нација“, пишува Костова.
Костова тогаш реагирала до тогашниот министер за внатрешни работи Фрчкоски и до шефот на УБК, Добри Величковски дека им прават полициски местенки.
„И потоа провокациите престанаа. Но, она што го сметав тогаш за неуспешен обид за полициска местенка, еве, денес, успешно го користат за мое оцрнување. Настанот за којшто знаеше цела информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење! Патем, дотичниот организатор немал никакви последици од сето тоа, не бил жртва на целава драмолетка. Напротив, сега јас треба да станам жртва по вкусот на џелатите на преродбата“, пишува Костова.
Новинарите во понеделникот излегоа на протест пред зградата на МРТВ каде што се наоѓа Комисијата за верификација на фактите. Се сомневаат дека целта е емисијата „Без наслов, но со повод“ да се прикаже како кодошко дувло и дека има списоци за лустрација на новинари кои пишуваат критички за власта.
Претседателот на Комисијата, Томе Аџиев тврди дека нема никакви списоци и дека Комисијата ги третира новинарите исто како и сите останати функционери./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

