Македонија
Облачно со локален дожд, попладне со сончеви периоди
Променливо облачно со локален дожд претпладне, а попладне со сончеви периоди. Ќе дува слаб југоисточен ветер.
Утринските температури ќе се движат од 6 до 12 степени, додека дневните ќе бидат во интервал со 13 до 20 степени.Во Скопје и околината слично време со утринска температура околу 11 и дневна до 18 степени.Од недела до среда следува период на стабилно, суво и потопло време. Во среда кон крајот на денот под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои ќе продолжат и в четврток, проследени со северен ветер и опаѓање на температурата. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Власта со нов закон го силува правото и ја продолжува легализацијата на дивоградби“, велат од Левица
„Група пратеници од власта до Собранието доставија срамни предлог измени, на уште посрамен и исклучително погрешно замислен и применет закон, Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Уште кога беше донесен овој закон во 2011 година – со кој се легализира неправото – се воведе реална опасност за легализација на секаков тип на објекти, без разлика на нивната безбедност. Неспособноста на своите градоначалници за урбанистичко и просторно планирање ДПМНЕ повторно сака да ја продолжи за уште пет години!“, велат од Левица.
„Предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се продолжува рокот за „легализација“ на дивоградбите, практично претставуваат уште еден обид за административно решавање на длабоко системски, урбанистички и безбедносен проблем, без суштинска анализа на последиците врз јавниот интерес. Клучниот проблем не е само во продолжувањето на рокот, туку во начинот на легализација кој државата упорно го практикува со години.
Дивоградбите, согласно постојната и предложената регулатива, се легализираат исклучиво со геодетски елаборат, без никаква обврска за документација за конструктивниот систем; проектна документација за изведена состојба; увид во начинот на изведба на носечките елементи, проверка на електро, водоводни и канализациски инсталации; мислење или верификација од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Со тоа, државата свесно создава правен статус за објекти за кои нема никаква трага за нивната безбедност. Во земја која се наоѓа во сеизмички активна зона, каде Скопје и други градови имаат историско искуство со катастрофални земјотреси, ваквиот пристап не е само технички пропуст, туку институционална неодговорност. Легализацијата во ваква форма не значи „уредување на состојбата“, туку премолчено прифаќање на потенцијално небезбедни конструкции, префрлање на ризикот врз идните корисници и општеството, создавање на градови со правно легални, но технички непознати објекти.
Дополнително, со секое ново продолжување на роковите, државата испраќа јасна порака дека бесправното градење се исплати, урбанистичките планови се препорака, не обврска и дека оние што граделе согласно закон се доведени во подредена позиција.
Левица потенцира дека ова не е прашање на „флексибилност“ кон граѓаните, туку прашање на јавна безбедност, урбанистичка правда и социјална одговорност. Треба ли да потсетиме повторно дека во Кочани трагедијата се случи токму во легализирана дивоградба?
Доколку навистина постои намера за решавање на проблемот со дивоградбите, тогаш секоја легализација мора да вклучи:
-задолжителна техничка документација (основен проект со сите фази) и конструктивна проценка;
-проверка на сеизмичката отпорност;
-минимални стандарди за безбедност и функционалност;
-мислење од сектор за урбанизам за усогласеноста на објектот со постоечките урбанистички планови.
Со ова би се добила вистинска институционална одговорност, а не само административна формалност. Во спротивно, продолжувањето на роковите е само одложување на ризикот, кој нема да исчезне, туку ќе се манифестира при првиот сериозен земјотрес, хаварија или инфраструктурен дефект.
Државата не смее да го стимулира бесправното градење и урбанистичкиот хаос, туку напротив, мора да биде гарант на безбедноста и квалитетот на живеењето“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Адвокатите на Заев вршеле притисок, предметот „Пуч“ останал неотворен во СЈО
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наместо како независнa институција, функционирало како партиски штаб на СДСМ, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста, повикувајќи се на изјави од поранешната обвинителка Лејла Кадриу.
Според Кадриу, четворица адвокати на Зоран Заев во времето на СЈО вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“.
„Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч“. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува, предметот потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и фолија, и доделен на обвинителките Ленче Ристоска и Лиле Стефановска, но не бил процесуиран.
„Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и Нешковски, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да ги истражи наводите темелно и непристрасно, со цел, како што наведуваат, да се утврди вистината и евентуалната одговорност.

