Македонија
Облачно со слаб снег и силен ветер
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/sneg-22.jpg)
Променливо облачно, во утринските часови ќе има слаби врнежи од снег, особено во западните и северните делови. Во текот на денот ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, кој на моменти ќе достигнува брзина до 70км/час и ќе услови и појава на наноси.
Утринската температура ќе се движи од -9 до -1 степен, додека дневната ќе биде во интервал од -6 до 4 степени.
Во Скопје и околината слично време со температура до 1 степен. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Васил доби 3 години и 10 месеци затвор за претходното дело, соопштија од Апелација
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/7-4.jpg)
Апелациониот суд во Скопје на нејавна седница ја одби како неоснована жалбата на Васил Јованов, за претходното кривично дело каде е фатен со 80 кесички амфетамин.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KЖ- 1047/24, на нејавна седница одржана на ден 05.02.2025 година, ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот В.Ј. од С., а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи. Решението на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 1-една година и за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3-три години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 3– три години и 10-десет месеци“, стои во пресудата на овој суд.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Јавноста дополнително се вознемири по информациите дека возачот им бил познат на органите од постапка во која лани му се судело за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник. И претходно предизвикал сообраќајна незгода без возачка дозвола, но се спогодиле со оштетената страна.
Македонија
Вучиќ: Имаме речиси пет милијарди евра на сметка, БДП годинава достигнува 90 милијарди
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/александар-вучиќ-2.jpg)
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија во моментов има речиси пет милијарди евра на сметката, што е цифра што на сметките ја немаат ни земји 10 пати поголеми од нив.
„Во изминатите 12 години го зачувавме мирот, имавме целосна стабилност. Имавме најголем раст во историјата на Србија, сакале или не – од 32 милијарди бруто домашен производ тогаш, оваа година ќе завршиме со 89-90 милијарди“, рече Вучиќ за време на разговорот со граѓаните.
Тој посочи дека Владата се обидела на сериозен начин да ја заштити јавната каса, наведувајќи дека „секогаш имаме пари за инвестирање и секогаш можеме да им помогнеме на оние на кои тоа им е најпотребно“.
Македонија
Николоски: Ќе продолжиме да градиме социјални згради низ другите градови, приоритет е намалување на цената на комерцијалните станови
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/IMG-8c3e55f3670fdc36935c75845bb25548-V.jpg)
Драго ми е што семејствата во оваа социјална зграда ќе најдат топол дом и ќе градат пристојна иднина, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Велес на доделување на социјалните станови.
Вкупно 29 семејства ги добија клучевите во социјалната зграда во Велес. На доделувањето присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, директорот на АД за станбен и деловен простор Марјан Стефановски, градоначалникот Марко Колев, пратеници.
Николоски истакна дека покрај изградбата на социјалните станови, приоритет е изградба и на комерцијални згради се со цел да се интервенира на пазарот на недвижности и да се намали цената на станбениот квадрат.
„Се сеќавате дека бевме тука и во моментите кога се грaдеше оваа зграда. Драго ми е што е завршена и драго ми е што семејствата кои што денеска ги сртенавме ќе можат да градат една попристојна иднина и да можат да најдат топол дом. Како што спомнавме ќе продолжиме и во следниот период да работиме на изградба на слични вакви објекти и во останатите градови за да помогнеме на што повеќе семејства колку што можеме, а исто така преку изградба на комерцијални згради ќе се обидеме да интевревнираме во цената на квадратот која што за жал достигнува во одрeдени градови и огромни суми кои што мораат да одат надолу. Така што во следниот период ќе не има многу со вакви и слични проекти кои што доаѓаат”, изјави вицепремиерот Николоски.
Зградата во Велес брои 29 станбени единици и 29 подрумски простории. Становите се изградени по програмата на Владата за изградба на згради за социјално ранливи категории граѓани.
Директорот на АД за станбен и деловен простор истакна дека веќе следната недела ќе се распише јавниот оглас за продажба на становите од комерцијалната зграда во Битола што ја гради ова акционерско друштво. Како што најави Николоски, цената ќе биде илјада евра за метар квадаратен за станови и две илјади евра за метар квадратен за деловни простории.