Македонија
Од саботата кон неделата околу 2.000 мигранти влегле во Македонија
Од саботата утрото до неделата во 8 часот, македонското Министерство за внатрешни работи издало потврди на вкупно 1.998 странски државјани, а не е поднесено ниедно барање за азил.
Од нив 1.329 се од машки пол, 239 се од женски, 383 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 47 деца кои патуваат без родител, на кои издадена е потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија -1.001, Авганистан –748, Ирак-106, додека другите се во помал број.
Така, во периодот 19-ти јуни до 4-ти октомври годинава, издадени се потврди на вкупно 115.499 странски државјани, од кои, 76.445 се од машки пол, 15.372 се од женски, 19.638 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 4.044 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 84.665, потоа Авганистан – 14.948, Ирак – 7.591, Пакистан – 3.031 Палестина – 1.169, Иран – 761, Сомалија – 711, Бангладеш – 689, Конго – 372, Нигерија – 227, Камерун – 184, Еритреја – 166, Етиопија – 1.290, Судан – 118, додека останатите се во помал број.
Што се донесува до поднесени барања за азил во Македонија, во изминатиот 24-часовен период до Одделението за азил не се поднесени барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил .
Од започнувањето на издавањето на потврдите до неделата до Одделението за азил се поднесени 50 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 37 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот расправаше за труењето во „Димо Хаџи Димов“, Лукровски најави засилени хигиенски мерки во училиштата и инспекции
Советот на Општина Карпош заседаваше по четврти пат, при што советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 10 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. На самиот почеток од седницата, градоначалникот Сотир Лукровски ги информираше советниците во врска со случајот со труење на основците од „Димо Хаџи Димов“.
„По оваа несакана случка, Општина Карпош веднаш презеде серија итни и координирани мерки, за заштита на здравјето и безбедноста на учениците и персоналот во училиштето. Во таа насока, претставници од Општина Карпош од самиот почеток се во постојана комуникација со надлежните институции, поточно со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје“ – посочи Лукровски.
Првиот човек на Општината наведе дека надлежните институции во врска со овој случај реагираа веднаш, земајќи примероци од храната, водата и работните површини во училиштето.
„Паралелно со случувањата, Општината обезбеди услови за спроведување на сите превентивни, редовни и вонредни мерки во училиштето, при што на 28 ноември беше спроведена вонредна дезинфекција на целиот училишен објект“ – информираше Лукровски.
Инаку, во текот на минатата недела, Институтот за јавно здравје ја информираше јавноста дека причина за труењето се грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae (ЕНТЕРОБАКТЕРИИ), пронајдени во мусаката што ја консумирале децата. Исто така, откриено е присуство на фекални бактерии на три чешми во училиштето. Во исто време, ЈП „Водовод и канализација“ изврши вонредни проверки и земање примероци од училница и кујна. Според нивните резултати, водата во училиштето е санитарно исправна и е во согласност со сите барањата од правилникот за безбедност и квалитет.
„Сакам да ве информирам дека случајот внимателно и посветено го следиме од самиот почеток. Целта ни беше да не шириме паника и да не оставаме простор за ширење на дезинформации и шпекулации, па од тие причини чекаме да добиеме официјални информации од анализите. По добивање на целосниот извештај од надлежните институции кои ги спроведуваат анализите, Општина Карпош ќе ги преземе сите потребни мерки и чекори во рамки на нашата надлежност. Ве уверувам дека безбедноста на децата и нивното здравје се наш апсолутен приоритет и токму поради тоа во иднина ќе продолжиме со засилени хигиенски мерки, инспекциски надзори и унапредување на стандардите во сите основни училишта во Карпош“ – образложи градоначалникот Сотир Лукровски.
Поддршка од советниците доби и дополнителната точка, односно Предлог – Одлуката со која основното училиште „Димо Хаџи Димов“ ја прифаќа донацијата од Владата, поточно од Министерството за животна средина и просторно планирање. Станува збор за донација во вид на прибор за тестирање по природни науки, кој ќе биде ставен на располагање за потребите на учениците и наставниот кадар од оваа училишна установа.
Македонија
Утре облачно време со локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Под влијание на циклонска активност од денес во вечерните часови, до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови.
На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.
Македонија
Утре без вода поголем дел од Гази Баба поради дефект
Утре, 3 декември, без вода и со намален притисок ќе останат корисниците од поголем дел од Гази Баба.
„Ве известуваме дека поради итен водоводен дефект на водоводна линија Ф700мм на бул.Александар Македонски, ЈП Водовод и канализација Скопје ќе превземе одреден технички зафат кој ќе се одвива на ден 03.12.2025 година (среда)“, информира Центарот за управување со кризи.
Прекин на водоснабдување од 7:30 часот до санација на дефeктот, ќе имаат следните улици и населени места:
– Бул. Александар Македоски
– Ул. 808 (дел од улица)
– Бул. Киро Глигоров (дел од булевар)
– Населба Автокоманда со намален притисок во ниска зона
– Триангла со намален притисок
– Населба Хиподром со намален притисок
– Ул. Перо Наков кај Кванташки со намален притисок
– Населба М.А.Ченто прекин на водоснабдување
– Ул. Маџари прекин на водоснабдување
– Ул. Палмиро Тољати прекин на водоснабдување
– С.Сингелиќ прекин на водоснабдување

