Македонија
Околу педесет лица во Драчево затруени со салмонела
Со висока температура, повраќања, проливи, дехидрирање и физичка слабост деновиве околу 50 лица биле згрижени во Инфективната клиника во Скопје откако било констатирано дека кај сите нив станува збор за затрување со салмонела.
Лекарите од клиниката соопштиле за Дневник, дека станува збор за поголем број лица кои во изјава сите посочиле дека претходно консумирале храна од позната сендвичара во скопската населба Драчево.
Според последните информации околу 12 лица биле задржани на Инфективната клиника, а меѓу нив имало и една 29-годишна трудница.
Првиот пациент бил примен ноќта меѓу вторник и среда.
Првичните претпоставки се дека сите имаат бактериска цревна инфекција, но се чекаат резултатите од ИЈЗ за дефинитивно лоцирање на причинителот.
„Моите две деца сега се дома, но вчера имаа критичен ден. Повраќаа, има силни проливи и температура. Но, мојата внука, која има 4 години, е сместена на клиниката и прима инфузија. Се спаси само мојата снаа, која е бремена и одбила да и стават мајонез во сендвичот со плескавици. Многу сме уплашени оти девојчето е мало и кревко. А купивме сендвичи од место кое е многу познато во населбата, бевме убедени дека храната е во исправна состојба. На клиниката лекарите при приемот на девојчето ни рекоа дека сме едни од педесетината деца што се затруени од сендвичи купени во сендвичарницата во Драчево. Ова навистина не уплаши од каде да купуваме храна и со што да ги храниме кога од секаде ги демне опасност“, вели Бобан Ѓуриќ, родител на двете деца што се затруле, пренесува Дневник.
Весникот пишува дека ниту еден лекар на Инфективната клиника во Скопје не сакал да ја коментира состојбата на децата со образложение дека одговорните што треба да дадат изјава се на годишен одмор./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

