Македонија
(Видео) Знаат ли надлежните во Македонија кој се поседува оружје и за какви цели, прашуваат од „Анима Мунди“
„Анима Мунди“ објави нови информации за човекот, кој, како што објави здружението, среде бел ден шетал со оружје и нишанел врз животни повредувајќи мачка на негови соседи, другиот, истиот ден, врзал куче за автомобил и го влечел и малтретирал.
„Според последните информации се работи за лице од населба Три Чешми од Штип, кое по кажувањата на сведоци и соседи е вработено во Територијалната противпожарна единица во Штип, со пушка усмртило повеќе мачки и кучиња.
Соседот, кој се грижел за овие маалски миленици, единственото преживеано маче го однел на Ветеринарен факултет во Скопје, при што се покажало дека во мачето завршиле дијаболи, за што сведочи и официјалниот извештај.
„До кога секој силеџија и социопат ќе чувствува комодитет да стрела по животни, знаејќи дека за делото нема да одговара?
Или во насилството врз животните девијација, или ќе го препознаеме дури тогаш кога ќе ескалира и врз луѓе?!
Во Штип среде бел ден, во населена средина возрасен човек шета со оружје, нишани и стрела животни да ги осакати и убие, при што е сериозно повредена мачка на негови комшии. Куса снимка од ова лице, кое лежерно и без трошка страв пукало по што ќе му текне, кршејќи најстрого закон, ни пуштија жители од населбата, преплашени за својата безбедност , но и безбедноста на своите миленици.
Среде бел ден е предизвикана сериозна опасност на јавноста и мачени се и убивани животни, што се кривични дела за што е потребно итно постапување на надлежните и најстрога казна за сторителот“, пишуваат од здружението.
Истиот ден, појаснуваат дека во Виница, возач со автомобил со регистерска табличка VI 8923 AB влече врзано куче, кое нема опција освен да трча без престан, во спротивно ризикува да биде задавено.
„И не треба многу познавање за да се увиди она што е повеќе од очигледно, а тоа е присилување животно да биде во ситуација која е болна, исцрпувачка , која во најмала рака предизвикува чувство на немоќ и страв што е насилство врз животни. Вакво лице би било запрено од службени лица веднаш во секоја ЕУ држава, строго казнето; во Македонија не.
Информираме дека неколку лица се обиделе да пријават во полиција – потенцираме, се обиделе, бидејќи полицијата не ни сакала да прими и евидентира ваква пријава од X причини, што значи за нив не се случило ништо што отстапува од нормалноста. Е токму непостапувањето на службените лица значи злоупотреба на должноста и дава поттик на насилниците и понатаму да мачат, убиваат и поминуваат неказнети.
Ова се само дел од случувањата кои се наше секојдневие и кои за жал само споделени вака јавно можат да резултираат со разрешница.
Ги повикува институциите итно да започнат со сериозни истраги, најстрого да ги казнат сторителите, затоа што, како што велат, ваквите индивидуи се закана по безбедноста и животот на секое битие, независно дали животно или човек“, истакнуваат во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

