Македонија
Информација за потпишување договор за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата и општините

По финализирањето на подготвителната фаза на неодамна усвоената информација на седница на Влада за потпишување на Договор за соработка од областа на дијаспората помеѓу Владата и 23 општини кои благовремено изразија спремност за соработка, во наредните денови следи нивното потпишување со секоја општина посебно.
„Во оваа пригода министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи се овластува во име на Владата да ги потпише договорите за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата на Република Северна Македонија и општините, претставувани од нивните градоначалници. Во информацијата е јасно наведена задачата на овие канцеларии кои се осмислени да имаат посредничка улога и истите би служеле како центри во кои на припадниците на нашата дијаспора им се овозможува и олеснува пристап до потребни информации и добивање дополнителни насоки за соодветните постапки пред надлежните институции, за време на нивниот престој во матичната држава“, се наведува во владиното соопштение.
Се додава дека следствено, во процесот е вклучено и Министерството за информатичко општество и администрација кое согласно Информацијата се задолжува во рок од 15 дена од отворањето на општинските канцеларии за соработка со дијаспората да ги ангажира своите вработени да соработуваат во координација со вработените во општините определени за работа на проектот „Центар за дијаспора“, со цел заеднички да се излезе во пресрет на граѓаните од дијаспората.
Со ова, како што информираат, се постигнува суштината на напорите на Кабинетот на министерот задолжен за дијаспора во насока на спроведување на еден од стратешките приоритети како дел од Програмата на Владата на Република Северна Македонија согласно Националната стратегија за соработка со дијаспората од 2019-2023 година и воедно исполнување на примарната мисија олицетворена во добросостојбата на дијаспората.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.