Македонија
Мајката на исчезнатиот Пино најави протест пред Собрание
Мајката на 26-годишниот Пино Секондо, Маја Трпковска, за во понеделник пред Собранието, со почеток во 16:30 часот, најави протест со цел притисок врз надлежните институциите за пронаоѓање на нејзиниот син .Таа за „Макфакс“ вели дека е разочарана од досегашната потрага по Пино, за кој 73 дена нема слушнато никаква вест. Трпковска на мирниот протест ги повика семејствата кои имаат исчезнати деца или роднини да се приклучат и заеднички да кренат глас.
„Нема да се откажам од потрагата по мојот син. Поминувам низ невидена агонија. Не знам како може полицијата да нема информации за случајот, а згора на тоа инспекторите кои го водат случајот повеќе не ми креваат слушалка, ме блокирале на телефоните. Не знам веќе каде да се обратам. Дали е оваа држава? Да бев во европска држава, ќе ми донесеа и психолог да ми помага во овие тешки мигови, а не да бегаат од мене. Не сум политичар, не знам да зборувам како нив, но ако имаат срце, нека се ангажираат повеќе, и тие се родители, луѓе пред сè. Чувствувам дека моето дете е живо, затоа и се одлучив на овој чекор, да барам јавна поддршка“, изјави Трпковска за „Макфакс“.
Инаку, таа додава дека Пино бил мирно момче, не се дружел со лошо друштво, вреден, комуникативен и ведар по природа. Пред да исчезне излегол од дома со автомобил „шкода фабија“ со регистарски таблички SK 1566 AP. Два и пол месеци од тогаш нема трага ни глас од него, ниту, пак, е виден автомобилот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

