Општество
Дечињата од домот „11 Октомври“ дел од проектот „Испрати љубов”
Штитениците од домот „11 Октомври“ во среда насликаа прекрасни дела на тема љубов, во рамки на проектот „Испрати љубов” инициран и поддржан од Inner Wheel Club од Скопје. Во следната фаза од проектот, делата ќе бидат претворени во честитки.
Околу 20 деца на возраст од 12 до 18 години се дел од овој општествено одговорен проект кој има за цел преку продажбата на честитките да обезбеди средства кои ќе бидат наменски донирани на домот.
„Ви благодарам што прифативте да бидете дел од овој проект и сигурна сум дека денес секој од вас ќе нацрта прекрасен цртеж, кој потоа ќе добие форма на честитка. Нашата главна цел денес како здружение е накратко преку вакви активности да ви го разубавиме секојдневието и да се обидеме преку оваа хуманитарна акција да собереме средства кои потоа ќе бидат донирани во вашиот дом”, изјавиja Анета Антова Пешева, претседател на Inner Wheel Club Скопје и дел од членовите на клубот Весна Николовска, Aнгелина Ќука и Џули Секуловска.
Откако ќе бидат испечатени, честитките преку клубот ќе се продаваат на компании и институции кои имаат желба да им помогнат на штитениците на домот „11 Октомври“.
Мисијата на Inner Wheel Ckopje е промоција и организација на активности, услуги и позитивни практики, со цел подобрување на животот на жените и децата во светот, преку глобалната мрежа на членки, кои донираат на волонтерска основа – средства, посветеност и љубов на останатите.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

