Општество
Детектирани слабостите во работата на подрачни одделенија на Катастарот
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, во вторникот оствари работна посета на генералната дирекција на Агенцијата за катастар на недвижности, во рамките на која оствари средба со директорот Славчо Трпевски.
На состанокот беа разгледани и анализирани резултатите од истражувањето за задоволството на граѓаните од работата на институциите на системот, врз основа на методологијата „Барометар на квалитет на институции“.
Подрачните единици на Агенцијата за катастар на недвижности во Тетово, Гостивар и Крива Паланка покажаа најслаби резултати, додека одделенијата во Охрид и Кавадарци најдобри резултати во работењето.
Главните недостатоци кои се лоцирани во Тетово, Гостивар и Крива Паланка се бавноста на изработување на предметите и нељубезноста на шалтерските работници во односот кон граѓаните.
„Ќе испратиме инспектори во одделенијата на Катастарот во трите општини каде најчесто се враќаат граѓаните од шалтерите и се праќаат во други институции. За непочитување на Законот за размена на документи по службена должност се казнува вработениот, раководителот, но и директорот на Агенцијата, доколку не се реши предметот во предвидениот временски рок. Генерално, Агенцијата за катастар има опаѓање во споредба со минатата година и тоа се должи на неколку одделенија, кој ја нарушува целата слика на фунционирањето“, изјави Ивановски.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славчо Трпевски додаде дека одделенијата кои ја нарушуваат целокупната слика на работа, ќе бидат под негова директна контрола.
„Агенцијата за катастар на недвижности во изминатите години направи многу реформи, но очигледно дека не се доволни, што значи дека ќе преземеме дополнителни реформи, со цел нашата работа значително да ја подобриме“, рече Трпевски.
Министерот Ивановски најави дека во наредните денови ќе посети и други институции, кои беа опфатени со истражувањето Таен клиент и Анкетата за задоволство на граѓаните./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

