Општество
Холистички пристап за инклузија на децата со попреченост
На Националната консултација за децата со попреченост, владините партнери, организациите на лицата со попреченост, родителите и практичарите се согласија околу приоритетите за подобра меѓусекторска соработка за вклучување на децата со попреченост.
Националната консултација се водеше според наодите и препораките од големата студија подготвена од УНИЦЕФ со наслов „Процена на капацитетите на службите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор за инклузија на децата со попреченост“, како начин за напредок на земјата при вклучувањето на децата со попреченост.„Како и сите деца, и децата со попреченост имаат многу способности, но често се исклучени од општеството како резултат на дискриминација и недостиг на поддршка“, рече д-р Бертран Демулен, претставникот на УНИЦЕФ. „Во тек се важни напори во секторите за подобрување на состојбата на децата со попреченост. Сепак, одржливи резултати ќе се постигнат само ако се придвижиме од изолирани интервенции кон нова меѓусекторска агенда за акција, врз основа на заедничка визија со која ќе се обезбеди децата со попреченост да го заземат вистинското место во општеството“, додаде д-р Демулен.Учесниците се согласија дека еден од клучните приоритети е да се вклучат сите сектори во спроведување на холистичкиот пристап кој се фокусира врз детето. За ова да се постигне, од клучно значење е да се изградат капацитетите на практичарите на примарно ниво на услуги, вклучувајќи ги општите лекари, патронажните сестри, воспитувачите во градинките и училишните наставници, социјалните работници и давателите на услуги во заедницата, како и да се вклучат граѓанскиот сектор и родителите. Препорачаа мапирање на расположивите ресурси и вмрежување на ниво на заедницата, за да се обезбеди поддршка на децата во нивната природна средина каде што живеат, учат, и се активни со врсниците, во семејството, заедницата, редовните градинки и училишта. Приоритетите опфаќаат рано идентификување и интервенција поврзани со образованието во раното детство за да се обезбеди континуитет во поддршката од рана возраст и во текот на зрелоста.„Оваа средба покажа дека постои силна подготвеност за соработка на национално и локално ниво, со активно вклучување на родителите и организациите на лицата со попреченост“, рече Ража Мсефер Берада, заменик претставник на УНИЦЕФ. Како што истакна, „Ова не е крај на процесот. Препораките од овој национален консултативен настан ќе обезбедат информации за поддршката на УНИЦЕФ за инклузија на децата со попреченост, како дел од новата програма за петгодишниот циклус на соработка кој започнува следната година.“Студијата „Процена на капацитетите на службите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор за вклучување на децата со попреченост“ ја спроведоа двајца меѓународни консултанти, Џудит Холенвегер, професорка на Универзитетот за образование на наставници во Цирих, Швајцарија, и Андреа Мартинуци, од „Е. Медеја“, Научен институт при Центарот за истражувања во Конељано, Италија. Во неа се повикува на забрзани и фокусирани напори за спроведување на законите во пракса, подобрување на собирањето и користењето податоци, професионализација на давателите на услуги, подобрување на постојните услуги, како и воведување на нови интервенции и јакнење на соработката меѓу институциите и секторите за инклузија на децата со попреченост./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

