Општество
Јолевски ја потпиша Спогодбата за Балканските медицински сили

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, во име на Министерството за одбрана и на Република Македонија, ја потпиша Спогодбата за Балканските медицински сили.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, во име на Министерството за одбрана и на Република Македонија, ја потпиша Спогодбата за Балканските медицински сили.
„Република Македонија е всушност првата земја која ја потпиша Спогодбата, со што се потврди и определбата на нашата земја, но и на Министерството и Армијата за поблиска регионална соработка на сите полиња. Со тоа ние ќе овозможиме и нашиот регион да биде побезбеден и попросперитетен“, рече министерот Јолевски на потпишувањето, во присуство на одбранбеното аташе на Кралството Норвешка кое е иницијатор на севкупниот проект.
Балканските медицински сили чие седиште е во Македонија, имаат за цел да ги подобрат и дополнително зајакнат националните и регионалните воени медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница, како и да ја зајакнат интероперабилноста на регионот со Обединетите Нации, НАТО и Европската Унија на ова поле.
Од регионот, во Балканските медицински сили освен Македонија, вклучени се и Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Црна Гора, со поддршка од Кралството Норвешка и Соединетите Американски Држави. Проектот е дел и од концептот за „паметна одбрана“ имајќи предвид дека вклучува специфични капацитети од земјите од регионот, кои ќе бидат достапни за тие земји, но и во рамките на некое идно можно заедничко учество во меѓународни мировни мисии./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Автокефалноста на МПЦ– ОА е историска вест и автентичен дел на македонскиот идентитет

Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет, истакнува премиерот Димитар Ковачевски по повод автокефалноста на Македонската православна црква.
„Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се стекнува со автокефалност“, вели Ковачевски.
„Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви. Нека е честит овој голем ден за сите православни верници и за сите граѓани“, изјави премиерот Ковачевски.
Македонија
Архиепископот Стефан: 55 години седевме и чекавме во тремот, сега имаме кој да ни нацрпи вода

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан се заблагодари на Српската православна црква и српскиот Патријарх Порфириј за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Тој посочи дека ова е историски период како и празник за сите Христијани во Македонија, без разлика на национално потекло. Тој посочи дека и предците се радуваат гледајќи ги радоста и единството.
„Верувам дека деновиве конечно е радосен и Арсениј, последниот охридски архиепископ, а и архиепископот Доситеј и патријархот Герман и сите кои искрено сакаа да ја видат возобновена Охридската архепископија. Кога некој ја чита историјата на Охридската црква, се соочува со црква која не воспоставува граници, која ниту денес не ја користи самостојноста за да се изолира, туку да стане поблиска со другите, да биде тоа што се и другите, неоткинлив и суштински дел на една апостолска црква“, посочи г.г. Стефан.
По признавањето на автокефалноста од СПЦ, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан рече: „55 години седевме и чекајќи во тремот и ненаоаѓајќи некој да се погрижи за нас. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, неговата светост српскиот Патријарх Порфириј. И еве сега имаме и кој да ни нацрпи вода. Сега и сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигнало за жетва. Црквата не е федерација од помесни цркви туку од секогаш била една и единствена, обединета од духот свет, како единствено цело на целото човешство. Нејзина цел е да го обедини човекот во себеси и да го освети“.
Обраќањето на г.г Стефан беше поздравено со аплауз од илјадниците верници во Соборниот храм. Архиепископ Охридски и Македонски кажа дека сега македонската црква не тагува туку се радува на братската љубов.
„Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекуваната вест. Затоа уште еднаш ваша свестост, Вам и членовите на Архиерскиот собор, Ви благодариме. Стоејќи трепетно во овој момент, овој свештен собор, во мене, оѕвонуваат зборовите за црквата: ‘Целата си убава и дамка нема на тебе’. Ја гледам токму убавината на црквата и длабоко ги разбирам зборовите на Апостолот на народите кој вели дека Христос е глава на телото односно на црквата, а ние сме членови на неговото тело. Затоа од длабочината на душата воскликнувам фалејќи го Бога за неговиот дар, за црквата, па велам: ‘Постојано те величаме тебе Христе, кој неискажливо ги соедини небесното и земното и ја создаде единствената црква на ангелите и луѓето’. Еве нам и денес ни се нуди таа несовршена заедница, која е чиста и долгорочна, чија чистота со ништо не се осквернува и со ништо не може да се одземе. Која е од едниот до другиот крај на Вселената.“
Македонија
Заев: Со томосот на СПЦ до Вселенската патријаршија, не постои пречка за прогласување на афтокефалност на МПЦ-ОА

Македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија, сите заедно одлучивме да живееме во мир, единство, слога и напредок. Одлучивме да решаваме проблеми и да создаваме иднина, напиша на фејсбук, поранешниот премиер Зоран Заев.
„Договорот од Преспа, членството во НАТО, Отворен Балкан и политиките на добрососедство се причината зошто од денес македонскиот народ нема проблем ниту со името на својата македонска земја, ниту со својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ниту со својата безбедност и сигурност. Живееме и ќе живееме во слога со нашите балкански браќа и сестри, целосно ја заокружуваме нашата духовна и државна независност“, потенцира Заев во напишаното.
„Со благословот и томосот за афтокефалност на МПЦ-ОА што Српската православна црква го упати до Вселенската патријаршија веќе не постои ниту една пречка и очекуваме патријархот Вартоломеј да ја прогласи МПЦ-ОА и официјално за афтокефална“, вели Заев.