Општество
ЛГБТИ и Хелсиншки: МВР ги крие напаѓачите од „Дамар“
Групата што во четвртокот, 23-ти октомври, изврши напад во кафе барот „Дамар“ за време на прославата на двегодишнината од постоењето на ЛГБТИ Центарот во Македонија и е добро позната на Министерството за внатрешни работи, тврдат од Центарот и од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Групата што во четвртокот, 23-ти октомври, изврши напад во кафе барот „Дамар“ за време на прославата на двегодишнината од постоењето на ЛГБТИ Центарот во Македонија и е добро позната на Министерството за внатрешни работи, тврдат од Центарот и од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Претседателот на ЛГБТИ Центарот, Кочо Андоновски, во вторник (28.10), изјави дека МВР во билтенот, еден ден по настанот, изнело погрешни и нецелосни информации за нападот.
„Следниот ден билтенот на МВР излезе со неточни и нецелосни информации кои не ја прикажуваат целата слика за настанот. Во ниту еден дел од билтенот нема информација дека нападот се случил за време на прославата организирана од ЛГБТИ Центарот, ниту дека ова е шести напад врз Центарот од неговото основање пред две години, што веќе претставува криминален тренд кој бара поинакво постапување. Нападот не беше извршен од страна на неколку лица, како што стои во билтенот, туку од страна на голема организирана група. На ниту едно место во билтенот не беа споменати пораките кои ги извикуваа напаѓачите т.е. дека „педерите треба да си одат од тука и дека тука нема место за педери“, рече Андоновски.
Во ниту еден дел од текстот, продолжи тој, не е споменато дека во објектот имаше повеќе од 60 лица и дека е предизвикана значителна опасност по животот и телото на присутните.
Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет, вели дека „зад нападот стојат двајца нарачатели што е соодветно на коалицијата што владее во Македонија“.
Според неа неспорно е дека и зад претходните инциденти стојат истата група и истите нарачатели и потенцираше дека последниот напад не е напад врз ЛГБТИ Центарот туку врз Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Пировска вели дека МВР точно знае кои се лицата кои учествуваа во нападот и дека станува збор за група во која има и Македонци и Албанци.
Андоновски и Пировска, во врска со коментарите на Интернет по нападот, најавија кривични пријави против фан страните на Фејсбук на Јанко Илковски и Миленко Неделковски, против порталите Илирида.нет и Вилајети.ком и против Фејсбук профилот на Адијат Рака Фета кој напишал „Тука нема место за изроди и болни педери – feeling proid“ за кривични дела предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа, за насилство и за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и за расна и друга дискриминација.
ЛГБТИ Центарот и Хелсиншкиот комитет испратиле писмо до меѓународната заедница и до организациите за човекови права, а Пировска денеска ќе има средба со евроамбасадорот Аиво Орав и ќе побара делегацијата на ЕУ да излезе со силна порака за нападот.
„Нема да бидеме тивки и толерантни поради ригидниот однос на власта која сака да испрати порака дека нападите врз ЛГБТИ во Македонија се дозволени“, порача Пировска.
Нападот се случи на 23-октомври на прославата по повод две години од отворањето на ЛГБТИ Центарот во кафе барот „Дамар“ во Старата скопска чаршија. Околу 21,30 часот група од триесет луѓе маскирани со капи на главите со стаклени шишиња и тврди предмети го каменуваа објектот. Во моментот на нападот во кафе барот имало 60 лица. Надвор од објектот биле две лица, момче и девојка. Девојката била удрена со шише во глава при што се здобила со расекотина, а моментно се наоѓа во добра здравствена состојба. Истрагата се уште е во тек. крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.