Општество
Македонија домаќин на 10-та Јуниорската балканска олимпијада по информатика
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и претседателот на Здружението на информатичари на Македонија, Миле Јованов, го најавија во саботата одржувањето на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, а домаќин на овој врвен натпревар по програмирање кој се одржува по јубилеен 10-ти пат е Македонија, и како организатор се јавува Здружението на информатичари на Македонија со поддршка на МИОА и Фондацијата Телеком за Македонија.
Арсовска Томовска посочи дека развојот на информатичкото општество е стратешка определба на Владата на Република Македонија. Економската конкурентност зависи од нивото на продуктивност, а во денешните економии базирани на знаење, токму ИКТ секторот го детерминира нивото на продуктивност.
„Трендот на раст на ИКТ индустријата по сите параметри е исклучително висок. Ако пред 10 години, во 2006-тата сме имале 400-ни компании од областа на информатичко-комуникациските технологии, со близу 1.900 вработени, сега имаме 1.500 ИКТ компании со околу 15.000 вработени. Динамиката на отворање на нови работни места во оваа област, ја диктитра и потребата за зголемување на обемот на работна сила”, рече Арсовска Томовска.
Додаде дека, поради тоа е неопходно да се обезбедат услови за зголемена продукција на квалификуван ИКТ кадар, што се овозможува преку системски приод како што е раната информатичка едукација која е интегрирана уште во основното образование, зголемен број на специјализирани образовни институции од оваа област, иновативни наставни програми, дигитално описменет наставно-научен кадар, обезбедена инфраструктура (компјутери и интернет) во образованието и во домаќинствата, и секако, активности за промоција на информатиката генерално.
Истакнувајќи дека МИОА секогаш ги поддржува ваквите настани кои ги популаризираат информатичките науки кај младите, Арсовска Томовска се осврна на фактот, дека информатиката е нашата најнаградувана научна дисциплина на меѓународните натпревари. За тоа говорат и неодамна освоените бронзени медали на Светската и Балканската Олимпијада по информатика, кои летово се одржаа во Казањ, Русија и во Никозија, Кипар, но и освоените вкупно 35 медали на меѓународните натпреварувања по информатика, за што како земја треба особено да бидеме горди.
Претседателот на Здружението на информатичари на Македонија, Миле Јованов, од своја страна и се заблагодари на Министерката и МИОА за поддршката и ангажманот со сериозни поддржувачи, што ќе придонесе за квалитетна организација на настанот. На Јуниорската балканска олимпијада која ќе трае до 22 септември во Скопје, ќе учествуваат ученици на возраст до 15,5 години од земјите членки на Балканската иницијатива: Македонија, Кипар, Словенија, Романија, Молдавија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

