Општество
Нема решение за дислоцираните Роми од населбата под Кале
По еден месец откако беа урнати импровизираните бараки на Ромите под Кале, државата сѐ уште нема решение за проблемот со домувањето на 121 лице кои во моментов живеат под отворено небо непосредно до кејот на Вардар.
Државните институции не преземаат никакви чекори во решавањето на овој проблем, а Инспекторатот при Град Скопје не им дозволува на лицата повторно да подигнат привремени живеалишта. Хелсиншкиот комитет за човекови права неколку пати изврши посета на терен на дислоцираните лица и при тоа утврди дека станува збор за 29 семејства или 121 лице, меѓу кои 64 деца, вклучувајќи 10 бебиња и три бремени жена кои живеат под отворено небо, без минимални услови за живот. Како резултат на тоа, како и заради топлото време и недостатокот на средства за лична хигиена голем број од лицата имаат кожни инфекции и низа здравствени проблеми. Дополнително дел од лицата немаат лична документација, а со самото тоа не можат да ги остварат своите права од здравствена и социјална заштита. Во остварените контакти и одржаните состаноци со надлежните органи од страна на невладината организација Амбрела, информирани сме дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста за решавање на проблемот. Претставници од Град Скопје велат дека за решавање на проблемот надлежно е Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството за труд и социјална политика одговорноста ја префрлаат на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, кој како единствено решение предлага лицата да бидат сместени во прифатниот центар во Чичино Село. Овој прифатен центар нема капацитет да ги смести сите 29 семејства, ниту пак има соодветни услови за живот. Поаѓајќи од уставната обврска на државата да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност и обврската да им обезбеди заштита на оние граѓани кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција, Хелсиншкиот комитет за човекови права, заедно со партнерските организации Ромски едукативен центар „Амбрела“ Скопје, Центар за развој на ромската заедница „Баирска светлина“ Битола, Здружение Ромска организација на жени од Македонија „Даја“ Куманово, Невладина организација КХАМ Делчево, Ромската организација за мултикултурна афримација Рома С.О.С. Прилеп и „Романо авази“ – здружение за јакнење и организирање на ромската заедница до реални промени Тетово, бара од државата да ги преземе следниве мерки за решавање на проблемот на дислоцираните Ромски семејства:- Министерството за труд и социјална политика да изврши итно мапирање на семејствата кои се дислоцирани- Дислоцираните семејства итно да бидат сместени во некои од прифатилиштата под надлежност на Министерството за труд и социјална политика кои исполнуваат адекватни услови за живот или да бидат времено сместени во објекти од привремен карактер. – На дислоцираните семејства да им бидат распределени социјални станови од проектот за домување на социјално ранливите групи Ф/П 1674. – На сите дислоцирани лица да им се обезбедни здравствено осигурување и итна здравствена заштита. – На дислоцираните лица кои немаат лична документација да им се олесни пристапот до вадење на лична документација- На сите семејства да им биде доделена еднократна парична помош и социјална парична помош- Децата кои се наоѓаат на возраст за основно и средно образование итно да бидат вклучени во образовниот процес.Хелсиншкиот комитет во соработка со партнерските организации ќе продолжи со мониторирање на овој случај.Ромите, откако беа избркани од нивните импровизирани бараки протестираа пред канцелариите на Град Скопје и бараа средба со надлежните. Дел од нив беа примени на разговор во општината, каде има ветија решавање на случајот, но тоа не се случи./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.