Општество
Одбележан почетокот на новата учебна година со 20.000 првачиња и без санкции за екстерното
Оваа учебна година ја започнаа 187.000 основци, од кои околу 20.000 се првачиња и 81.000 средношколци, од кои околу 19.000 во прва година во средното образование, информираше во вторникот Министерството за образование и наука, а министерот Абдилаќим Адеми порача дека од годинава нема да има санкции за наставниците во врска со екстерното оценување.
По повод почетокот на учебната 2015/2016 година, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, го посети основното училиште „Пашко Васа“ во село Групчин, општина Желино. Потоа со заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, присуствуваа и на поставување на камен темелникот на новата училишна зграда на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ во скопската општина Кисела Вода и на пуштањето во употреба на новата училишна зграда на основното училиште „Живко Брајковски“ во општина Бутел, исто така, во главниот град.
Адеми им посака среќен почеток на сите ученци, посебно на првачињата, кои од оваа година за прв пат ќе се соочат со нови предизвици. Министерот истакна дека оваа учебна година се воведуваат новини, со цел подигнување на квалитетот на образовниот процес.
„Новост е дека нема да има казни за наставниците за екстерно оценување. Напротив, ќе има само награди за најдобрите наставници. Исто така. оваа година планираме да се основа Академијата за наставници која има цел да се подигне квалитетот на наставата“, рече Адеми.
Адеми додаде дека и оваа учебна година се доделени бесплатните учебници, обезбедени од страна на Министерството за образование и наука.
„Продолжуваме со проектот за адаптирање на учебниците од програмата на Кембриџ за четврто, петто и шесто одделение. Следна година ќе продолжиме до деветто одделение“, додаде министерот за образование.
Истакна дека продолжуваат и инвестициите за подобрување на образовната инфраструктура. Потврда за тоа е изградбата на новиот училишен објект на Основното училиште „Невена Георгиева Дуња“, инвестиција вредна 75 милиони денари, рече.
„На локацијата на постоечкиот објект на ‘Невена Георгиева Дуња’, каде повеќе од 40 години наставата се изведува во монтажни објекти од времен карактер, за скоро време ќе никне нов современ училишен објект. Новата училишна зграда ќе биде објект со најсовремена конструкција и ќе се простира на приземје и еден спрат, а еден дел од објектот ќе биде и со подрумски простории во кои ќе бидат сместени машинско одделение, работилница, магацин, додека во останатиот дел од училиштето ќе бидат сместени кабинетите, училниците и просториите за училишната администрација“, рече Адеми./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.