Општество
Православните христијани го слават Рождество Христово – Божик
Православните христијани во четврток го прославуваат најголемиот христијански празник Рождество Христово или Божик.
Со Божик е поврзана и поговорката: “Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село.Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето.Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

