Општество
Телефонската линија Ало докторе со речиси 40.000 повици
На телефонската линија за медицински совети – Ало докторе, во изминатите девет месеци откако функционира, реализирани се речиси 40.000 телефонски повици. Само во текот на изминатата недела, регистрирани се вкупно 859 повици од граѓани низ целата држава.
Со јавување на телефонскиот број (02) 15123 граѓаните може да добијат стручен медицински совет за одредена здравствена состојба, симптоматска терапија, а по потреба повикот може да биде пренасочен кон Службата за Итна медицинска помош.
За функционирањето на телефонската линија Ало докторе, ангажирани се вкупно 22 доктори од повеќе различни специјалности, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Во овој период кој го карактеризираат повисоки температури, граѓаните често се јавуваат за медицинска консултација за покачен крвен притисок, стомачни болки и дијареа.
Регистрирани се и повици за поспецифични случаи, како на пример: човек кој бил каснат од змија во потколеницата за време на престој во планинско место, веднаш се јавил на телефонската линија Ало докторе и му биле дадени стручни совети како да постапи додека да стигне до најблиската здравствена установа. Исто така, регистриран е случај на повозрасна жена со појава на алергиска реакција со отежнато дишење и симптоми на гушење. Сосетката на жената ја повикала линијата Ало докторе и им биле дадени совети за постапување додека да пристигне медицинска екипа на Итната медицинска помош.
Повикувачкиот центар е сместен во просториите на Итната медицинска помош до поликлиниката Букурешт, а бројот (02) 15123 е достапен 24 часа за граѓаните од целата држава. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

