Општество
Учениците во Македонија покажале висока еколошка свест
Учениците во основните училишта во Македонија имаат голема еколошка свест и успешно ги применуваат знаењата за селектирањето на амбалажниот отпад и примена на темелните еколошки навики кои ги стекнале со училишниот еко-проект „Чиста околина, чисто училиште, чисти раце“.
Ова го покажуваат резултатите на анализата која ја спроведе компанијата Пакомак во врска со проектот започна на 1 септември 2013 година и продолжува секоја наредна учебна година.
Вкупно 31.344 ученици од 54 основни училишта во општините Гази Баба, Карпош, Центар, Аеродром, Ѓорче Петров и Кисела Вода цела учебна година организирано собираа пластични шишиња во замена за течен сапун и учеа за селектирање на амбалажниот отпад, времето на распаѓање на материјалите во природата, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија со цел да го увидат бенефитот од правилното однесување со амбалажниот отпад и заштитата на животната средина.
Во учебната 2014/2015, овие ученици собраа 1.500 000 пластични шишиња, односно 37.400 килограми пластична амбалажа, илустративно, колку четири полни училници. Оваа огромна количина на амбалажен отпад кој го собрале само учениците од основните училишта од 6 општини, наспроти останатиот амбалажен отпад од пластика фрлен во контејнерите од само 16.737 килограми, укажува на тоа дека тие ги разбираат предизвиците на денешното живеење и учат како да предизвикуваат најмало можно влијание на животната средина и на живиот свет.
„Овој еко-проект е многу важен за сите нас и нема да згрешам ако кажам дека спроведените активности го обликуваа мислењето и однесувањето на учениците кои беа во нив инволвирани. Некогаш на моите колешки знам да им посочам дека цели генерации личат на нив и на нивните методи на работа. Така и со овој проект. Децата се сега најголемите гласноговорници и поддржувачи на вакви иницијативи. Она што овде во основното училиште ќе го научат е битно, исто како кога градите куќа“ – изјави Ана Сенчук, одделенски наставник во ОУ Песталоци.
„Податоците од нашите анализи на училишниот еко-проект укажуваат на тоа дека новите еколошки едуцирани генерации со сигурност ќе ги препознаваат проблемите, ќе ги промовираат принципите и ќе ги поттикнуваат мерките за поодговорен однос кон животната средина. Овој проект трајно го смени начинот на кој учениците гледаат и на кој се однесуваат со амбалажниот отпад, а нас не поттикна да ја развиваме, подобруваме и унапредуваме неговата платформа и да й дадеме дополнителна вредност. И овој проект, како и 3Д Еко-бусот и следната учебна година ќе нуди содржина која ги плени учениците, ќе ги едуцира, мотивира и ќе ги забавува“ – изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Како и секоја година и оваа, кон крајот на септември ќе бидат доделени наградите за најдобрите еко-училишта во изминатата учебна година за нивната успешна еко-акција.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) позитивно ги оцени сите иницијативи на Пакомак поврзани со едукација, вложување во инфраструктура и сите други активности кои се реализираат во интерес на пошироката јавност, а со кои се придонесува кон создавање почиста и поздрава животна средина. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.