Општество
Заедничката соработка меѓу земјите од западен Балкан е клучна за напредок на патот кон ЕУ интеграција
Регионалното школо за Јавна Администрација (ReSPA) во петок во Скопје организира состанок на кој земаа учество министри од седум земји од западен Балкан.
Целта на оваа средба беше да се оценат резултатите и напредокот на земјите од Западниот Балкан во имплементацијата на реформите во Јавната Администрација, како и размена на искуства за процесот на интеграција во ЕУ.
Станува збор за петта годишна средба на министерско ниво која ја организира РеСПА, а на која присуствуваат министрите задолжени за реформи на Јавната администрација и процесите на европска интеграција.
Домаќин оваа година беше Македонија и Министерот за Информатичко општество и Јавна администрација Иво Ивановски, кој го предаде претседавањето со РеСПА во 2015 година на Црна Гора.
Аиво Орав, шефот на делегацијата на Европската Унија за Македонија, во својот воведен говор за време на отворањето на РЕСПА министерскиот состанок, истакна дека Европската Унија и понатаму ќе ги поддржува активностите на РЕСПА, истакнувајќи дека реформите во јавната администрација се важен услов за земјите од Западен Балкан на патот и интеграцијата во ЕУ. А евентуалните потешкотиите кои настануваат во овој процес, многу полесно можат да се надминат доколку постои регионална соработка меѓу земјите, нивен отворен дијалог и размена на искуства.
„Целта на денешниот собир во Скопје беше да ги разгледаме, анализираме и оцениме резултатите и напредокот на земјите од балканскиот регион во имплементацијата на реформите во јавната администрација, и да предложиме мерки како Регионалната школа за јавна администрација ќе се развива во натамошниот период заради реализација на заедничките регионални цели во таа насока. Денес имавме можност да проследиме исклучително значајни и интересни презентации и дискусии од нашите гости, поврзани со насоките и препораките за идниот период во контекст на евро-интеграциите, за националните реформи во јавната администрација и нивното влијание врз економскиот раст и конкурентноста, како и за идната регионална соработка која произлегува од целите на РеСПА“, изјави Министерот за Информатичко општество и Јавна администрација Иво Ивановски.
Според, Грегор Виран, поранешен министер за јавна администрација на Словенија, РЕСПА како високо квалитетна институција за обука, претставува и одлична платформа за развивање на регионалната мрежа во кој ќе биде вклучена јавната администрација.
„Таа мрежа може да работи на три нивоа и тоа: на ниво на министри, потоа на ниво на високи лица задолжени за спроведување на реформите на јавната администрација и преку соработка со лицата кои оперативно ги даваат услугите во институциите на јавната администрација. Исто така за РЕСПА да биде ефикасна треба да има и политичка поддршка од сите земји од регионот“, рече Виран.
Заменик секретарот на регионалниот кооперативен совет Газмент Турдиу истакна дека заеднички цели на регионалниот акционен план со цел да се обезбеди ефикасна јавна администрација се: унапредени политики и регулаторни капацитети, подобрување на квалитетот на јавните услуги, подобрување на соработката на различни нивоа на јавната администрација и подобрување на капацитетот на лицата кои што се дел од неа. Овие активности се дел од регионалниот акционен план на РЕСПА и НАЛАС (мрежата на асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа) која што програма ќе се спроведе во периодот кој следи.
РеСПА ги информираше министрите за актуелниот напредок (во реформите на Јавната администрација и процесите за европска интеграција) и ги претстави насоките и препораките за идниот период. Имајќи ја предвид заедничката цел, а тоа е ЕУ интеграцијата, состанокот беше одлична можност да се разменат искуствата процеси се приоритети на патот кон ЕУ. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.