Македонија
Oсмани ја пречека министерката на Словенија со погрешно знаме, па се извини
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја пречека министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, со знаме на Република Словачка.
За грешката попладнево реагираа од Министерството за надворешни работи и се извинија.
„Изразуваме длабоко извинување за ненамерениот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата министри при посетата на министерката Фајон на земјава, кое беше едно од десетте државни обележја, кои беа употребени за време на средбите“, велат од МНР.
Додаваат дека, иако не може да има оправдување за направениот пропуст, министерката со целосно разбирање ја прифатила грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата.
Министерството за надворешни работи најави дека дополнително ќе ги зајакне протоколарните проверки со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација.
Ова не е првпат високи делегации во Македонија да бидат пречекани со погрешни знамиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег
Времето денеска претежно облачно со врнежи од дожд, наместа пообилни, а на планините и на повисоките места од снег, особено претпладне. Поради продор на студена воздушна маса од север ќе дува засилен северен ветер (над 65 km/h) и врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. На планините висината на снежната покривка позначително ќе се зголеми. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.
Во Скопје претежно облачно. Во утринските и претпладневните часови со повремени врнежи од дожд, а во повисоките делови од котлината врнежите од дожд ќе преминуваат во снег со слаб интензитет. Попладне врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 6 степени
Во недела ќе има преодно стабилизирање на времето. Од понеделник под влијание на циклонска активност и студена воздушна маса од север повторно се очекуваат врнежи претежно од снег. На планините висината на снежната покривка дополнително ќе се зголемува, а ќе се формира и во некои пониски места.
Македонија
„Мојот народ одлучува“-форуми за буџетот на Кисела Вода за 2025 година
Во големата сала на Општина Кисела Вода вечерва се одржа Буџетски форум, организиран со цел креирање на буџетот за 2025 година. Настанот, кој се одвиваше под слоганот „Мојот народ одлучува, буџет 2025“, претставуваше можност граѓаните директно да учествуваат во дефинирањето на приоритетите и потребите на локалната заедница.
Жители на општината, претседатели на месни заедници, секретари и членови на одборите активно дискутираа со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и раководителите на секторите од општинската администрација. Граѓаните предлагаа идеи од различни области, како што се инфраструктура, образование, култура, создавање на паркинг места, и многу други. Сите предлози беа разгледувани од финансиски и технички аспект, при што голем дел од нив беа прифатени за понатамошна реализација.
Како дел од форумот, присутните пополнија и анкетни листови со цел детално да ги истакнат своите идеи и приоритети.
„Денес сме тука заедно, за да го трасираме нашиот заеднички пат кон креирање на буџет на Општина Кисела Вода кој е одраз на вашите потреби, идеи и приоритети. Месните заедници, чии претставници сте вие, како форма на делување, отсекогаш биле првиот гласник на проблемите и потребите на граѓаните. Вашето учество овде денес е од исклучителна важност, бидејќи вие сте оние кои први ги дознавате реалните предизвици, но и можностите на секој наш жител, од секоја улица, од секое маало“, истакна градоначалникот во своето обраќање. Тој го нагласи досегашниот успех на транспарентниот и инклузивен пристап во работата на општината, подвлекувајќи дека дури 95% од неговата четиригодишна програма е реализирана. Додаде дека бројни проекти, кои не биле планирани во програмата, се спроведени врз основа на идеи и потреби изразени токму преку вакви форуми.
Настанот продолжува утре со нова форумска сесија на која граѓаните ќе земат активно учество во одредувањето на приоритетите за буџетот за 2025 година, соопштија од општината.
Македонија
„Државата има потреба од визија и лидерство што обединува, а не што разделува“, порака на ДУИ до Јаневска
ДУИ со реакција на напишаното од страна на министерката за образование и наука Весна Јаневска која им порача конечно да почнат да ја почитуваат државата.
„Министерке, можете да го толкувате повлекувањето на законот за средно образование како противење од страна на ДУИ бидејќи наводно не ја сакаме државата, но тоа е далеку од вистината – всушност, токму затоа што ја сакаме, го направивме тоа.
Ние се спротивставивме на овој закон за да ја заштитиме државата и мултиетничкиот карактер на нашата земја од поединци како вас, кои не веруваат во соживот и меѓусебна почит.
Вашиот слеп ентузијазам кој изгледа како „моќна бура“, но тој е непромислен и краткотраен, додека штетата што можете да ја предизвикате ќе биде долгорочна.
Вашиот пристап, кој исклучува и создава тензии, претставува закана за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност“, пишуваат од партијата на Ахмети.
„ДУИ се спротивстави на овој закон затоа што се грижиме.
Се грижиме за Албанците, за Македонците и за секој граѓанин на оваа земја, за да не станат жртва на вакви неодговорни пристапи и одлуки.
Нашата држава има потреба од визија и лидерство што обединува, а не што разделува“, и порачуваат од ДУИ на Јаневска.