Македонија
По повеќе од една година избрани претседатели на 14 основни судови низ Македонија
Судскиот совет по повеќе од една година од огласот, избра претседатели во 14 Основни судови низ Македонија и 22 судии поротници во Основниот суд Скопје 1.
На денешната седница Советот не избра претседател на Апелациониот суд во Скопје, каде подолго време на оваа функција има вршител на должност.„За Апелација и за уште еден суд ќе бидат избрани на една од наредните седници. Покрај овие критериуми и условите кои се определени во законот за судовите и во начинот и постапката којашто е утврдена во законот за судовите и деловникот на Судскиот совет, ние покрај овие критериуми коишто се многу битни, имаме широка можност на секојдневните состаноци што ги имаме подетално да утврдиме каков е нивниот начин на соработка со граѓаните, каков е нивниот начин на соработка со колегите судии, каква е нивната соработка со судската администрација итн“, рече претседателот на Судскиот совет, Бранко Ушковски.Ушковски не сакаше да коментира зошто на Советот му беше потребно повеќе од една година да ги провери биографиите и да избере претседатели во судовите.„Не би имал коментар, јас сум претседател на Судскиот совет од пред еден месец, не би можел да коментирам“, изјави Ушковски.За претседатели на судовите избрани се судии кои во последните две години од страна на Судскиот совет се оценети со највисок број на бодови во однос на другите противкандидати. Меѓу кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје 2, со највисок број бодови беше и Шукри Сејдиу, судија уапсен во полициската акција „Јустиција“ во којашто беа уапсени 14 судии од Одделението за прекршоци во Основен суд Скопје 1. Сепак, Судскиот совет поради неговото апсење утврди дека не ги исполнува условите да биде кандидат за претседател. Ушковски, исто така, не сакаше да коментира како е можно судија со највисок број на бодови да биде уапсен за несовесно работење, бидејќи, како што рече, истрагата за овој случај сè уште трае.Неколку дена пред изборот својата пријава за кандидат за претседател на овој суд ја повлекол и Ѓорѓи Радојков, досегашниот вршител на должност на Основниот суд Скопје 2.За претседател на Основниот суд Гевгелија, одделение Валандово беше избран Драги Дилберов, иако како што потврди и Ушковски имал уште година и половина до пензионирање. На новинарско прашање дали е избран, бидејќи е тетин на сопругата на премиерот Никола Груевски, Ушковски вели дека не е запознaeн со тоа и дека ќе се воздржи од такви коментари.Претседателите на сите судови беа изгласани едногласно без ниту еден глас против. За претседател на Основен суд Берово е избрана судија Голубинка Козовска, за претседател на Основен суд Битола е избран Дејан Крстанов, за Претседател на Основен суд Велес е избран Александар Шопов, Претседател на Основен суд Виница ќе биде Благој Цикарски, Драги Дилберов ќе биде претседател на Основниот суд Гевгелија, одделение Валандово, за претседател на Основен суд Делчево е избран Миле Ѓорѓиев, за претседател на Основен суд Кавадарци е избран Зоран Јосифовски, за претседател на Основен суд Кичево, одделение Македонски Брод е избран Баки Алили, а Анкица Димитровска беше избрана за претседател на Основниот суд Крива Паланка.За претседател на Основен суд Неготино е избран Ацо Анѓелковски, Јане Тренчевски ќе биде претседател на Основниот суд во Прилеп, Илир Сулејмани е избран за претседател на Основен суд Скопје 2, Слободан Арсовски за претседател на Основниот суд Свети Николе, а Емил Пилатов за претседател на Основен суд Штип.Судскиот совет избра и 22 судии поротници за во Основниот суд Скопје 1, каде имало 71 испразнето место. На следните седници се очекува да биде избран претседател на Апелациониот суд и Основниот суд во Струмица./крај/мф/ффс
Извор: Фото:Архива
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.