Македонија
Почина академик Томе Бошевски
На 31 октомври годинава почина академик Томе Бошевски, информира Македонската академија на науките и уметностите.
Заедничката комеморативната седница на МАНУ и Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе се одржи во Академијата на 5 октомври во 10 часот, а погребот ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во 12:30 часот. Погребните останки ќе бидат изложени во капела од 11:30 до 12:30 часот.Академик Бошевски е роден на 8 октомври 1937 година во Битола, каде завршил гимназија. Дипломирал на отсекот за техничка физика на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1961 година. Постдипломските студии ги завршил во 1965 година на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторската дисертација ја одбранил на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1972 година.Од дипломирањето до 1974 година работел во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча. Во 1974 година е избран за вонреден, а во 1979 година за редовен професор на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а три мандати бил и декан на Факултетот.За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1988 година, а за редовен член во 1994 година.Неговата истражувачка дејност опфаќа повеќе области на електротехниката: развој и усовршување на методите за експериментално определување на нуклеарните перформанси на тешководните реакторски решетки и проучување на неутронскиот флукс во клетката на нуклеарниот реактор; развој и усовршување на методите за пресметка на физичките параметри на тешководните реактори со уранско гориво, рециклација на плутониумот, прегрејување на пареата во BHWR–реакторите, израмнување на неутронскиот флукс во активната зона на PHWR –реакторите и др.Значаен е и неговиот придонес во решавањето на актуелните проблеми на енергетиката во Република Македонија, како што се: топлинското оптоварување на животната средина од постојни и предвидени извори на електрична енергија (како и квантификацијата на други штетни влијанија што произлегуваат од работата на тие извори), избор на локации за големи електро-енергетски извори, долгорочно и краткорочно планирање на работата на централите во електро-енергетскиот систем и др.Академик Бошевски има објавено поголем број научни трудови и остварил учество на повеќе домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми./крај/миа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

