Македонија
Почна работилницата за развој на мобилни апликации во Скопје

Овогодишното издание на „Code App Level Up 2“, семинар и практична работилница, на која студенти ќе се обучуваат на полето на развојот и дизајнот на мобилни апликации, почна во вторник, 9ти декември и ќе трае сè до 14-ти декември.
На денешното официјално отворање на настанот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој се осврна на значењето и развојот на мобилните апликации. Toj ги потсети учесниците на натпреварот на можностите што ги нуди Законот за отворени податоци, со кој институциите се обврзуваат, податоците со кои што располагаат во дигитален формат да ги направат достапни за граѓаните.
„Овој процес ќе му помогне на приватниот сектор и на граѓаните, а очекуваме тоа да поттикне нови работни места и нови иновации. Најголем успех од искористувањето на овие податоци ќе имате токму вие, студентите, односно младите претприемачи. Сите оние кои ќе бидат заинтересирани да креираат апликации можат бесплатно да ги користат отворените податоци“, рече Ивановски.
Тој напомена дека сериозни напори се вложени во процесот на создавање млади кадри во нашата земја, кои активно работат на полето на ИКТ технологиите и со тоа индивидуално и тимски придонесуваат за целокупниот развој на македонското општествено живеење, посебно на информатичката област. Целта е тие да останат во Македонија и да бидат ангажирани од приватниот бизнис во областа на ИКТ технологиите, истакна министерот Ивановски.
Инаку, „Code App, Level Up 2” е напредна работилница од интернационален карактер на којашто учесниците од Македонија имаат можност да остварат соработка со студенти од цела Европа и да разменат знаење и идеи. Обуките на семинарот ги спроведуваат домашни и странски експерти во повеќе области.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.