Македонија
Почнува славењето на Рамазан-бајрам
Тридневното славење на Рамазан-бајрам, еден од најголемите муслимански празници, започнува во петок со утринскиот бајрам-намаз кој ќе се се служи во сите џамии.
Со тоа завршува едномесечниот пост, со кој верниците се воздржуваа од храна, вода од зора до зајдисонце. Постот претставува и воздржување од лошите мисли, духовно воздигнување на моралните и човечките вредности.
Во исламската религија Рамазан е светиот месец кој е деветти во лунарната година и секоја година се поместува за 10 дена наназад. Самиот празник е строга должност – фарз на секој муслиман. Рамазан е најсветиот месец во исламот во кој е објавен Куранот во 610 година. Празникот Рамазан Бајрам се слави по завршувањето на светиот месец. За цело време на светиот месец се држи строг пост. Бајрам е празник кој го слави духовното и телесното прочистување.
Самиот ден кога се слави Бајрам започнува со Рамазан-Бајрамска молитва, потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и блиските. Потоа се честита празникот прво на најстарите (им се целива рака), а потоа на останатите. Помладите секогаш одат кај постарите. За славењето на денот се приготвуваат и служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава). Празникот се слави 3 дена и за цело време се оди на честитање.
Светиот месец Рамазан е муслимански празник кој трае во текот на целиот деветти месец од исламскиот календар. Се верува дека во текот на тој месец светата книга – Куранот му бил откриен на Архангелот Гаврил, кој потоа му го пренел на пророкот Мухамед. Рамазан е време на пост, молитва, солидарност и милост, во кој муслиманските верници целодневно се воздржуваат од конзумирање храна, цигари, алкохол, но и од лоши мисли, идеи и дела.
Постот почнува со изгрејсонце (суфур) и трае до зајдисонце (ифтар). Јадење и пиење се дозволени во текот на ноќта. Од пост се ослободени децата, бремени жени, доилки и болни.
Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување. Верувањата се дека кога ќе дојде празникот, портите на џенетот (рајот) се отвораат, портите на џехенем (пеколот) се затвораат.
Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови – милост, бериќет и проштевање. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии – духовна, морална, солидарна и здравствена.
По триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен Рамазански бајрам кој се смета за голем празник во исламот. Почетокот на Рамазан секоја година се поместува за 10 дена наназад, односно во престапните години за 11 дена, во однос на претходната година, поради разликата помеѓу исламскиот и грегоријанскиот календар.
По повод празникот, поглаварот на Исламската верска заедница(ИВЗ), како и државниот врв упати порака за мир и единство на верниците во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Видео) „Молкот на власта за скандалот со 5 тони дрога е потврда дека се штитат виновните“, вели Огњеновиќ
„Втор ден по ред власта молчи за картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија. Молкот е потврда дека власта се обидува да го заташка скандалот и да ги заштити виновниците. Како тоа поминале 5 тони дрога преку македонската граница а нема одговорност од никој“, прашува Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
„Нели има „сејф сити“ камери, скенери и контроли на граничните премини. И никој ништо не видел, не чул, додека дрога од 5 тони така лесно се пренела?
Без поддршка, заштита и логистика од структури во власта, во МВР, во Царина, криминал од вакви размери не е можен.
Прашање е уште колку вакви пратки дрога редовно поминувале, колку уште тони дрога се пренесени преку македонските граници. И уште колку тони дрога се уште се шверцува.
Овој картелски скандал покажува до каде одат пипците на криминалот и корупцијата на власта.
СДСМ со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, а овој случај е уште една потврда за тоа. Секојдневието на македонските граѓани е како во мафијашки филм.
Криминални тендери, шверц на 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. За картелскиот скандал со 5 тони дрога мора да има одговорност. Обвинителството мора конечно да се разбуди и да отвори истрага.
Кој се во Македонија е вмешан во шверцот на дрога? Колку дрога е помината преку границите? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари? Кој ќе одговара“, праша на прес-конференцијата, Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.

