Македонија
Почувствуван слаб земјотрес во Скопје и околината

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утрово регистрира земјотрес од источниот дел на скопското епицентрално подрачје.
Земјотресот се во четири часот и 55 минути, со Рихтерова локална магнитуда 1.6.
Истиот беше почувствуван во Скопје и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала. крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Документи откриваат дека Владата однапред решила да ја оштети државата со паркингот во Клинички

Од СДСМ истакнуваат дека излегуваат на виделина сè повеќе докази за криминалната зделка на Владата на Мицкоски и Таравари за паркингот во Клиничкиот центар. Објавениот оглас за тендерот јасно како што велат, потврдува дека Министерството за здравство и министерот Арбен Таравари уште од самиот почеток однапред ја договориле оваа зделка за „Ѓока Констракшн“, при што приватната компанија ќе добие 99% од приходите, а државата само мизерен 1%! Документите кои ги криеше Таравари објавени во медиумите, додаваат дека го потврдуваат она во што се сомневаше СДСМ.
„Огласот објавен во ноември минатата година покажува дека самото Министерство за здравство поставило услов концесионерот да плаќа само 1% од приходите на државата! Тоа значи дека не понудувачот, туку министерството тоа го ставило како услов.
Таравари и Мицкоски свесно решиле паркингот да го предадат на приватна фирма, оставајќи ја државата без приход, додека пациентите ќе плаќаат речиси двојно поскапо паркирање! Ова е јасен доказ дека целата постапка е сомнителна и дека некој од власта ќе профитира од оваа зделка на грбот на граѓаните!
Но тоа не е сè – од истата објава јасно се гледа дека еден од условите за учество на тендерот бил компанијата да има изградено мостови! Каква врска има изградбата на мост со поставување монтажни гаражи во Клиничкиот центар?! Ова е класичен доказ дека тендерот бил специјално скроен за „Ѓока Констракшн“, компанијата што го има изградено мостот „Ваша“ во Албанија. Со овој сомнителен услов, Владата оневозможила реална конкуренција и обезбедила однапред познат победник“.
СДСМ бара итна истрага за корупција. Нагласуваат дека институциите не смее да молчат.
САпоред нив, Владата не смее да го забошоти овој случај, а Мицкоски и Таравари ќе мора да одговараат за овој класичен пример на корупција.
„Ова не е само обичен тендер – ова е обид за директен грабеж на јавните ресурси! Додека граѓаните плаќаат скапи услуги, владините функционери си договараат зделки што носат милионски профити за приватни фирми“, додаваат од опозициската партија.
Македонија
ССМ најави можен штрајк на 2 и на 7 април доколку Владата не ги повика на преговори за 500 евра минимална плата

Големи се шансите на 2 и на 7 април, доколку нема слух од спротивната страна, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) да излезе на протести, исто како и минатата година, најави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Место разбирање од Владата за покачување на минималната плата, Tрендафилов вели дека добиле ниски удари од политички структури на ВМРО-ДПМНЕ, партија која, место во парламентот со другите политички партии, се пресметува со ССМ.
„Јас лично како Слободан Трендафилов не знаев дека сум толку јак да ја обединам целата опозиција да застане зад мене и да поддржи зголемување на платите на работниците, а од друга страна, партијата на власт да се плаши од еден човек на кој планира да му ја скине главата. Тоа што сакам да го порачам денеска е дека нема да дозволиме апсолутно никому, без оглед дали доаѓа од власта или од опозицијатата, како ССМ, како организација што постои 79 години во Македонија, да ја напаѓаат. И не само да ја напаѓаат туку да работат и со политички наредби на локално ниво во јавните претпријатија, како и во министерствата од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со наредба до нивните директори полтрони на нивните раководители и шефови да прават упади во локалните организации на ССМ сѐ со една цел – да го зајакнат КСС на сметка на работниците во Македонија, да прифати минималната плата да изнесува 24.400 денари“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Ги повика колегите од другите синдикати да кажат дали се за покачување на платите до 5,5 или сакаат заеднички да се изборат за 12,6 % покачување на платите на сите вработени во јавниот сектор, како и дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари.
„Ако некој смета дека 24.400 денари е доволна плата за работниците во Македонија како минимална плата под која не може да се исплати ниедна плата, а најниската плата во регионот е 457 евра во Србија, мислам дека ќе треба да ги запалат автобусите и да нѐ преселат сите од Македонија, нешто што мислам дека треба да ги загрижи апсолутно сите“, рече Трендафилов.
И денес тој обвини дека Владата ги повлекла членовите од комисијата за утврдување репрезентативност за работниците да не може да се изборат за предлогот 500 евра минимална плата, а Владата пак да се оправда дека немала со кого да разговара.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека членови на комисија за утврдување репрезентативност ќе назначат на утрешната владина седница за да може да се одржи седница на Економско-социјалниот совет и да продолжат преговорите за минималната плата да се искачи на 500 евра.
ССМ предложи, покрај усогласувањето овој месец, минималната плата да се покачи за дополнителни 6.000 денари, износ за кој побара Владата или да се откаже од придонесите или да ги субвенционира во рок до 12 месеци.
Македонија
Од СДС, кој проверува цени во маркети, пред само два дена се гоштевале во кафеани во Струмица и за партиска журка потрошиле над 100 илјади евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Според ВМРО-ДПМНЕ, со секој изминат ден, СДС се повеќе го покажува своето лицемерие и аздисаност во трошењето на украдените пари од народот.
„СДС на терен може да направи попис на украдените пари од граѓаните од страна на нивниот сегашен и поранешен претседател, Венко Филипче и Зоран Заев.
СДС да одговори како со чиновнички плати се стигнува до луксузот и огромните богатства на нивната партиска елита?
СДС може да испита и после тоа да ја извести јавноста, како се стигнува до сопственички удел и банкарски сметки во Дубаи, како нивното дуо, неразделните Заев и Филипче?
СДС да провери и да одговори како од просечно земјоделско семејство, како што беше семејството Заеви, се стигнува до богатство со кое се градат висококатници во Дубаи?
Исто така, СДС која многу сака да излегува на терен, да излезе и да провери и после тоа да објасни на јавноста, како Венко Филипче стигна до хациенда во Нерези изградена од истата фирма која добиваше тендери кога тој беше министер за здравство“, истакнуваат од партијата на власт.
Како што велат, додека СДС лие крокодилски солзи за наводна загриженост за граѓаните, пред само два дена потрошија над 100 илјади евра за партиска собиранка во Струмица, а не одговорија со кои пари ги платиле автобусите за до таму.
За лицемерието да биде уште поголемо, додаваат од владејачката партија, додека прави попис низ маркетите кои се цените на прехранбените производи, на журката од пред два дена СДС се гоштевале по кафеани и рестораните низ Струмица.
Бараат СДС, да даде одговор, кој ги плаќал сметките по кафеаните и рестораните во Струмица.
Оценуваат дека со секој изминат ден, СДС само се повеќе си го покажува своето лицемерие и аздисаност во трошењето на украдените пари од народот.