Македонија
Александар Николоски избран во 40 највлијателни личности под 40 години во Европа
Бриселската „Пријатели на Европа“ („Friends of Europe“) го избра Александар Николоски како еден од 40 највлијателни личности под 40 години во Европа.
„Пријатели на Европа“ според неподелените мислења е највлијателна организација во Брисел и активно учествува во креирањето политики на ЕУ и создава општествени промени во Европа, а во нејзиниот управувачки комитет седат премиери, претседатели, претседатели на Европската комисија, евро комесари и други јавни личности од Европа. Секоја година ги номинира највлијателните личности од јавниот живот, политиката , науката, бизнис секторот да бидат дел од престижната програма Европски Млади Лидери кои се под 40 години.
Можност да бидат дел од оваа програма се веќе докажани личности кои имаат силно влијание во општествените случувања во Европа. Целта на овој проект е заедничко вмрежување на веќе докажаните 40 личности од Европа кои веќе имаат успешни кариери од областа со која се занимаваат и нивно заедничко дејствување во поглед на промени во политичкиот и социјален живот во Европа. Алумните од изминатите години и учесниците од оваа генерација заедно со водечките личности во Европа и ЕУ заеднички создаваат решенија за сите жители на континентот, ги зајакнуваат демократските капацитети и креираат нови политики во насока на подобрување на квалитетот на живот.
Еве што напишаа за избраните лидери оваа година: „Нивната страст, креативност и иновативно размислување создаваат совршена формула за генерирање на свежи идеи за изградба на Европа со понапредно размислување. Главни уредници на пионерски публикации и медиуми, лекари хуманитарци, политичари од сите нивоа на власт, актерка прикажана на Нетфликс, научници, како и иноватори што ја предводат зелената дигитална транзиција, го сочинуваат овогодинешниот избор EYL40 Class 2022 година. Од шампионите и уметници преку технолошките претприемачи, до водечките активисти и олимписките спортисти се годинешниот избор .“
А, еве што за изборот на Александар Николоски напишаа од „Пријатели на Европа “:
„Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Александар е потпретседател на најголемата опозициска партија во земјата ВМРО-ДПМНЕ. Посветен на справување со корупцијата и настојување за членство на Македонија во ЕУ, тој е претседател на Националниот совет за европска интеграција, во која улога ги олеснува разговорите за пристапување на земјата во ЕУ. Александар е заменик-претседател на групата на Европската народна партија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), каде што е и член на Комитетот за правни прашања и човекови права. Тој претходно беше потпретседател на ПССЕ, како и прв потпретседател на Комитетот за политички прашања и демократија, како и на Комитетот за следење. Пред неговото влегување во политиката, Александар беше секретар на ФРЕСТА, програма предводена од данското Министерство за надворешни работи за промовирање на заедницата на невладините организации и меѓуетничкиот дијалог во југоисточна Европа“.
Покрај Николоски оваа година дел од 40 највлијателни личности под 40 години во Европа се и Михаел Шимечка потпретседател на Европскиот Парламент, Михаи Данила – потпретседател на најголемиот инвестициски фонд во светот Блек Рок, Катинка Хосу пливачка која има три олимписки златни медали и вкупно 96 медали во кариерата, Томс Јурјевс основач и директор на Сан Фајнанс груп која обезбедува преку 1,2 милијарди евра во кредити за мали корисници, Нектариос Каланти Претседател на градоначалниците на Европа, Софи Мусел позната актерка со улоги во филмови и серии на Нетфликс, Соиел Мирпур член на управниот одбор на Рокет Интернет најголема европска компанија за поддршка на високоразвиени технолошки компании, Бенјамина Кариќ градоначалник на Сараево, Марио Брандебург пратеник во германскиот Бундестаг, Кристина Хансен од Данска која е градоначалник на Холбаек, Тамара Срзентиќ која е министерка за јавна администрација на Црна Гора, Витолд Банка од Полска претседател на светската анти допинг организација и други успешни млади лидери од Европа.
Главен мотив на „Пријатели од Европа“ е алумните на нејзините програми да бидат носители на главните промени кои треба да се случат во Европа и заедничко решавање на предизвиците со кои се соочува Европа како што се дигитализацијата, зајакнувањето на демократијата и европските вредности. Во изминатите речиси две децении голем дел од највлијателните и најталентирани личности во Европа биле дел од оваа програма и нивната воспоставена комуникација има силно влијание во Европа.
Изборот на Александар Николоски е големо признание особено затоа што ова е најпрестижно признание за личности под 40 години во Европа, а посебно е значаен делот во кој се опишува неговата работа како цитираме „Посветен на справување со корупцијата и настојување за членство на Македонија во ЕУ. “
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

