Македонија
Полковник Малезански ја презема должноста командант на воздухопловна бригада

Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец крај Скопје во понеделникот се одржа свеченото примопредавање на должноста командант на воздухопловната бригада (вбр), од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК) од АРМ. Командувањето со вбр, досегашниот командант полковник Кире Колевски кој е на чело на оваа единица од 2008 година, му го предаде на полковник Роберт Малезански кој досега ја извршуваше должноста заменик на командантот на вбр.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, генерали од АРМ, високи раководители од министерството за одбрана и Генералштабот., команданти на единици од АРМ, претставници од локалните самоуправи и организации со кои соработува оваа единица
На свеченоста пред присутните со пригодни говори се обратија: командантот на ЗОК генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, досегашниот и ново назначениот командант.
Во своето обраќање пред присутните генералот Ѓурчиновски се заблагодари на досегашниот командант полковник Кире Колевски на неговото залагање и учество во изградбата на воздухопловните сили во високо професионална и престижна компонента на армијата. Додека на новопоставениот команднат полковник Роберт Малезански му ја честита новата должност и му посака успешно да ја води единицата.
Полковник Кире Колевски искажа благодарност до припадниците на единицата за досегашната поддршка која ја имаше како командант во изминатите 8 години и воедно му посака успех на новиот командант.
Ново поставениот командант на вбр полковник Роберт Малезански во својот говор истакна дека должноста која му е доверена ќе ја извршува професионално и одговорно и ќе го даде максимумот за единицата.
Согласно Правилото за воен протокол, по соопштување на наредбите за поставување на церемонијален начин се изврши примопредавање на военото знаме на единицата помеѓу досегашниот и ново назначениот командант на вбр.
Воздухопловната бригада е формирана на 10 април 1992 година со одлука на Претседателот на Република Македонија како команда на против воздушната одбрана и военото воздухопловство (ПВО и ВВ). Во 2005 година со трансформацијата на АРМ, воздухопловната бригада се трансформира во воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група), а од 2012 година повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената Оперативна Команда./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.