Македонија
Поплавите го уништија земјоделскиот род, но и квалитетот на почвата
Поплавите не само што ги уништија дел од земјоделските прозиводи, туку ќе предизвикаат и сериозни штети врз квалитетот на почвата, укажуваат агроекспертите.
Неизвесно е дали поплавените површини откако ќе се повлече водата ќе го имаат истиот квалитет и потребни хемиски елементи за повторно садење на земјоделски култури, анализира битолската телевизија Тера.
Токму затоа агроекспертите од оваа област порачуваат веднаш штом се повелече водата да се направат агроехемиски и педолошки анализи, за да се види составот, квалитетот на почвата и да се знае понатаму какви ѓубрива или мерки ќе треба да се применуваат.
„Состојбата е сериозна во смисла на тоа што од една страна се губи почвена маса поради ерозија, а од друга страна веќе обработливите површини се поплавени и погребани со наноси. Дури по повелкувањето на водата и дренирањето ( ослободувањето на почвата од вода), значи кога кога ќе има услови и ќе може да се влезе во обработливите површини би требало да се земаат почвени проби за анализа и да се види каква е состојбата и плодноста на почвата односно содржината со хранливи елементи, хумус, реакција на почвата, присуство на карбонати, дали можеби на веќе плодните површини е донесен неплоден нанос. Можно е да се јават и крупни скелетни честици, во зависност повторно ќе кажам за каков материјал односно нанос е донесен. Испитувањата што би следеле после овие поплави се повеќе од потребни, бидејќи треба да се види дали постоечките површини се покриени со плоден или неплоден нанос и оттука да се добијат информации за потребата од употреба на ѓубрива или други мерки според добиените резултати“, вели професор д-р Татјана Миткова, раководител на Институтот за животна средина при Факултетот за земјоделски науки и храна.
За земјоделците, почвата заедно со атмосферата, претставува средина во која растението живее и дава приноси. Почвата е ограничен природен ресурс, кој е тешко обновлив, а лесно уништлив. Поради поплавите многу површини со жита особено во Пелагонија се уништени. Но токму поради ваквите состојби експертите, советуваат земјоделците да не штедат на педолошките и агрохемиските анализи.
„Без добро познавање на почвата не може да се примени ниту една агротехничка или мелиоративна мерка, едноставно не може да се направи правилен избор на култури кои успешно ќе се одгледуваат според условите на теренот.Педолошката анализа е неопходна, посебно за повеќегодишните култури, односно кога се во прашање подигање на лозови или овошни насади. Една почва за да биде плодна не треба да биде само обезбедена со хранливи елементи. Таа треба да биде и продуктивна. Тоа значи дека во текот на целата вегетација почвата треба да им обезбеди на растенијата навремено и во оптимални количества, хранливи елементи, но и вода, воздух, топлина. Таа треба да претставува механичка потпора, и да ги штити растенијата односно да нема присуство на штетни материи, кои во даден момент можат да го попречат нормалниот развојот на растенијата“, вели професорката Миткова.
И од Федерацијата на фармери порачаа после повлекувањето на водата задолжително да се направат педолошки и агрохемиски анализи за да се види квалитетот на почвата. Дополнително побараа на земјоделците кои претрпеа штети од поплавите да им се дадат ваучери за набавка на репроматеријали.
„ФФРМ апелира земјоделците да ги пријават до надлежните институции штетите кои им се направени од страна на невремето.На површините зафатени од поплавите да се направат педолошки и агрохемиски анализи, за да се види составот на почвата, како и да им се дадат соодветни совети на земјоделците за понатамошни активности кои треба да ги преземат за зачувување на квалитетот на почвата, односно почвата да биде во добра производна кондиција. На земјоделците трба да им се дадат ваучери за репроматеријали, зависно од големината на површината и културата и тоа препарати, ѓубрива, гориво за земјоделска механизација, расаден материјал и друго“, велат од ФФРМ.
Новите дождови ја отежнаа состојбата
Поплавени куќи, имоти, дворови, земјоделски површини, угинат добиток, ова е епилогот од поплавите кои ја зафатија Македонија изминатиов период. Новите дождови ги потопија земјоделските површини. Најкритично е во пелагонискиот регион каде што многу површини со жита се под вода. Извесно е дека од поплавените површини нема да се произведе ниту зрно.
„Овие поплави што се случија не само во Пелагонија туку во цела Македонија, се катастрофални за земјоделското производство, последиците се несогледливи.Со сигурност ќе имаме намалување на произведеното количество на пченица, особено ако се има во предвид дека од една страна 5 до 6 илјади хектари во Пелагонија се поплавени, а од друга страна околу 9.000 хекатри не се посеа со есенската седиба. Дефинитивно пролетната седиба ќе задоцни бидејќи не може да се влезе во нивите за да се почнат подготовките, а состојбата може и да се влоши бидејќи се најавуваат нови дождови. Да беа временските услови добри, веќе требаше да биде почната седибата на сончогледот, пченката, јачменот, сега се ќе се пролонгира. Ова што сега се случува е многу полошо од тоа што го очекувавме. Само за пример, ако житата три дена се под вода почнува оштетување на листовите од растението, но после три дена целиот коренов систем скапува. Штетите ќе бидат огромни, а лошото е што не можат да се надоместат. Сега требаше да почне прихраната на есенските култури, но не може да се влезе во нивите. Од друга страна постои опасност од појава на болести, штетници. Штом престанат дождовите и кога ќе се повлече водата, треба веднаш да се почне со прскање против плевели и болести, вели Огнен Оровчанец, сосптвеник на “Агроунија”.
Поплавите предизвикаа големи штети и во штипско-кочанскиот, струмичкиот и кумановскиот регион. Според прогнозите на Управата за хидрометеролошки работи деновиве не очекува променливо облачно време со локални врнежи претежно од снег со слаб интензитет. Штетите се милионски и допрва ќе се пресметуваат. Во земјоделството доцнењето на пролетната сеидба ќе влијае врз намалување на производството, а со тоа и на понудата на храна на пазарите, но и на цената на производите.
Владата најави дека од понеделник ќе започне санацијата од поплавите, односно со санација на патишта, мостови./крај/мф
Извор: Тера
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

