Македонија
Потврдени три нови случаи на заболени од туларемија
Министерството за здравство информира дека во текот на вчерашниот ден со лабораториски наод во Институтот за јавно здравје потврдени се три нови случаи на лица заболени од туларемија.
„Лицата се во добра општа состојба и по извршените амбулантски прегледи се пуштени на домашно лекување. Кај трите лица утврдено е дека инфекцијата настанала пред неколку недели“, информираат од Министерството за здравство.
Трите лица се од подрачјето на Скопје, од кои едно од општина Чаир, а две лица од општина Арачиново, и сите припаѓаат на возрасната група од 19 – 37 години.
Инаку, досега регистрирани се вкупно 28 лица заболени од туларемија, меѓу кои во општина Арачиново – 9 случаи, општина Лозово – 12 случаи, општина Чаир – 1 случај, општина Кисела Вода – 1 случај, општина Свети Николе – 2 случаи, општина Куманово – 3 случаи. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски се сретна со австрискиот амбасадор Памер: тема на разговорите нови авиолинии и зголемување на економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска остави работна средба со амбасадорот на Австрија во Македонија, Мартин Памер.
На средбата се потврдија добрите билатерални врски меѓу двете земји, со посебен акцент на развивање на економските односи.
Вицепремиерот Николоски ги презентираше условите за инвестирање во земјава, притоа на средбата се разговараше и за повикот на нови авиолинии што Министерството за транспорт го објави како и за можноста за дополнително поврзување меѓу двете земји.
Исто така вицепремиерот Николоски ги презентираше и плановите за реализација на крупни капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура и ја искористи можноста да ги повика сите квалификувани компании да учествуваат на јавните повици.
„Остварив одлична средба со амбасадорот Памер. Ги презентирав нашите инвестициони планови за развој на инфраструктурата на коридорите 8 и 10. Имаме одлични односи со Австрија и во духот на тие односи соработката меѓу двете земји продолжува“, истакна по средбата вицепремиерот и министер за транспорт Николоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова присуствуваше на традиционалниот празничен ручек што го приредува архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан по повод неговиот именден
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со задоволство ја прифати поканата на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан да биде дел од прославата и празничната трпеза по повод неговиот именден – празникот на светиот првомаченик, архиѓакон Стефан.
Покрај искрените честитки, таа му посака добро здравје и изрази желба за понатамошно успешно извршување на важната мисија на духовен чувар и водач на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
За време на прославата, на која беа присутни носителите на највисоките државни функции, беше потенцирана важноста на духовната сплотеност и заедништво во градењето, застапувањето и одбраната на националните интереси.
Македонија
Јаневска: И со новиот закон, бесплатни учебници на 5 јазици
Новиот Закон за учебници во основно и средно образование ја уредува подготовката, изборот, одобрувањето, издавањето и повлекувањето од употреба на учебниците за основните и средните училишта, со него ќе добиеме подобар квалитет на учебниците а тие и понатаму остануваат бесплатни. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање рече дека со новиот модел, учебниците се даваат на издавачките куќи, но, на почетокот, ќе функционираат и двата модели за изготвување учебници, бидејќи постапките кои се почнати, мора да се завршат по стариот закон.
„На средба со издавачките куќи, веќе ги информиравме дека пресметката на вредноста на учебниците ќе оди по формула и тие се согласни, што значи дека максималната цена на учебникот ќе биде ограничена. На цената, се разбира, влијае тиражот, преводите и други елементи. Ние сме единствена земја која прави бесплатни учебници на 5 јазици, но ќе продолжиме да го правиме тоа и понатаму, само нашите деца да стекнат повеќе знаења, компетенции и вештини“, изјави министерката Јаневска.
Експертите со кои се консултираше министерството, Педагошката служба и комисијата која работеше на законот, сите се убедени дека со новиот модел ќе се избегнат грешките и ќе добиеме поквалитетни учебници, што заедно со новите програми кои ги креира Бирото за развој на образованието, ќе придонесе за подобрување на воспитно-образовниот процес, објасни Јаневска.