Македонија
Препораки за заштита од зарази во поплавените подрачја
Министерството за здравство и релевантните здравствени установи, Институт за јавно здравје и Центар за јавно здравје-Скопје извршија санитарно-хигиенски увиди на загрозените подрачја од поплавата во скопскиот регион, Ченто, Сингелиќ-Економија, Сингелиќ, Црешево, Стајковци и Смилковци.
За превенција на појава на заразни заболувања се дадени следниве препораки:- Да се користат водоотпорни ракавици, гумени чизми, заштитни очила и маски за лице при чистење на куќите. – Темелно чистење на мувлата и калта со топла вода и детергент. Кај мувли со поголем интензитет да се побара помош од стручно лице, а по чистењето ѕидови во куќите да се бојадисаат со вар. Облека која била во контакт со вода од поплавата да се испере одделно од другата облека, со детергент и со топла вода (70° С). Да се фрлат предметите кои биле во контакт со вода од поплавите (на пр. играчки, кујнски предмети, предмети од домаќинствата, мебел, теписи и оштетен под (паркет, ламинат и бродски дрвен под) или доколку нема поголеми оштетувања истите да се исчистат со топла вода (70° С) и со детергент.- Ѓубрето да се фрла во канти или пластични кеси за ѓубре и исклучиво во контејнери кои се наменети за таа цел.- Детскиот и човечки измет брзо и внимателно да се отстрани. Во случај системот за канализација да не е во функција, да се користат канти, хемиски тоалети или полски тоалети.- Самостојно не е дозволиво да се отстрануваат умрени животни, туку да се повика ветеринарна служба да го направи тоа. – Заштита од комарци со употреба на спреј против инсекти (репеленти) и со носење светла облека, кошули со долги ракави и панталони со долги ногавици, а на прозорците од домовите да се постават заштитни мрежи против комарци.- Да се отстрани застоената вода од различни садови, саксии за цвеќе и стари гуми во областите каде што се размножуваат комарците.Остануваат основните препораки за пиење безбедна вода, хигиена на рацете со сапун по секое чистење, пред подготовка на храната, пред јадење, после доаѓање во допир со детски измет и по одење во тоалет. Да не се користи храна која била во допир со вода од поплавите и истата да не се консумира доколку не била во фрижидер или замрзнувач ако струјата е исклучена. Секоја варена храна и намирници кои можат да се расипат задолжително да се чуваат во фрижидер (пожелно е да се чуваат на температури под 5°С), и истата мора да биде добро термички обработена (приготвена на температура поголема од 70°С).Во случај на здравствени проблеми особено појава на пролив и повраќање, зголемена температура и/или кожни промени да побараат медицинска помош во најблиска здравствена установа. Јавните здравствени установи се во мобилна состојба./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

