Македонија
Претпладне на места со зголемена облачност, попладне разведрување

Претпладне на места со зголемена облачност, попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, особено вдолж Повардарието.
Утринските температури ќе се движат од 13 до 22 степена, додека дневните ќе бидат во интервал од 22 до 33 степени.Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 32 степена.УВ индексот ќе изнесува 8.Од петок следува период на стабилно и топло време со пораст на дневните температури, кои за време на викендот на југоистокот од земјата ќе достигнуваат 36 степени. /крај/ухрм
Извор: УХРМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лекарската комора со морална осуда за д-р Кузмановски

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора упати јавна морална осуда за однесувањето на д-р Игор Кузмановски прикажано на видеоснимка на социјалните мрежи, оценувајќи дека е спротивно на морално-етичките стандарди на професијата. Информираат дека тоа е со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат.
Од Комората соопштиј и дека по разгледување на документацијата нема евидентирани претставки за етички пропусти поврзани со Кузмановски, но ќе се чекаат извештаите од Министерството за здравство и Клиниката за неврологија за конечнен заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми.
Лекарот и понатаму останува без активна лиценца.
Македонија
Лабудовиќ: Ќе изградиме нов модерен плоштад во Центар – „Феникс“

Изградба на проектот „Плоштадот на заедништвото – ФЕНИКС“, модерен, зелен и жив плоштад, е дел од изборната програма на кандидатот за градоначалник од ЗНАМ за општина Центар – Мирослав Лабудовиќ.
„ФЕНИКС е симбол на обнова, нова енергија и заедништво. Место каде што ќе се среќаваат луѓето, ќе се создаваат спомени и ќе расте духот на Центар. Со овој проект градиме иднина што инспирира, поврзува и обединува“, изјави Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ.
Додаде дека проектот ќе биде современ, зелен и инклузивен простор, каде уметноста, културата, музиката и животот се спојуваат во едно. Плоштадот ќе биде отворен простор за културни настани, концерти, изложби, семејни активности и дружења, создавајќи ново место за живот и инспирација во срцето на градот.
„Овој проект не е само урбанистичка замисла – тоа е визија за град по мерка на човекот, каде архитектурата, природата и заедништвото се дел од истата приказна. Со модерна пешачка зона, зелени површини и простор за одмор, ФЕНИКС ќе го врати она што најмногу недостига – чувството на припадност, мир и убавина во средиштето на градот3, рече Лабудовиќ.
Особено важно е што, додаде тој, во рамки на проектот се предвидени подземни паркинг места, со што конечно се решава еден од најголемите предизвици за жителите на Центар и се ослободува јавниот простор за пешаци и зеленило.
Македонија
Хелсиншкиот комитет остро реагира против злоупотребата на деца во политички цели

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро реагира на сè почестите случаи на злоупотреба на деца и малолетници во политички активности во пресрет на претстојните локални избори. Иако официјалната изборна кампања завршува за неколку дена, на социјалните мрежи може да се забележат многубројни фотографии и видеа во кои децата се злоупотребени за политички цели од страна на кандидати и нивните поддржувачи, велат од Хелсиншкиот.
„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето туку претставуваат и злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Ваквата пракса, за жал, е редовна појава во земјата. Во пресрет на локалните избори, во медиумите и социјалните мрежи се забележуваат повеќе вакви случаи, само неколку примери се: видеообјава на кандидат во која се вклучени нивни деца со повик да се гласа на претстојните избори, фотографија на кандидат за градоначалник, кој на деца им дели играчки во рамките на кампањата, како и делење промотивен материјал на деца“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет упатува јасен апел до институциите, политичките партии, медиумите и до родителите веднаш да престане вовлекувањето на децата во политички кампањи и да се преземат соодветни мерки за санкционирање на сите што ги користат децата за политички цели.
Политичката злоупотреба на деца е забранета со закон. Во согласност со член 12, став 4 од Законот за заштита на децата „се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека на децата не им е место во политиката. Наместо злоупотреба, велат од таму, политичарите и нивните поддржувачи треба да се залагаат за создавање услови за квалитетен живот, образование и развој на најмладите.