Македонија
Претпладне сончево и топло, попладне пороен дожд и засилен ветер
Претпладне сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне најпрво во западните делови, а кон крајот на денот на места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Како што информираат од УХРМ, локално ќе има и услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и изолирана појава на град, особено во северните и југозападните делови.
Во текот на ноќта врнежи од дожд ќе има низ целата земја, на места пообилни (над 30л/м2) и проследени со ретки грмежи.
Дневните температури ќе опаднат и ќе се движат од 25 до 33 степени.
Во Скопје и околината слично време со температура до 33 степени.
УВ индексот ќе изнесува 6. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Северна Македонија има проблем со Брисел, а не со Софија, вели министерот на бугарското МНР
Шефот на бугарската дипломатија дециден дека секоја земја мора да ги почитува критериумите и да се придржува до нив.
„Францускиот предлог ќе биде строго следен. Нема билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, туку меѓу Брисел и Северна Македонија“, ова за БГНЕС го изјавил шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.
„Бугарија останува исклучително доследна во однос на политиката кон Западен Балкан и европската интеграција на сите земји од регионот. Во 2022 година беше постигнат европски консензус (францускиот предлог), кој строго ќе се следи. Секоја земја мора да ги почитува критериумите, да се придржува до нив. Членството во ЕУ се заснова на сопствените заслуги“, вели тој, пренесува медиумот.
Георгиев истакнува дека „Бугарија и Владата остануваат апсолутно непоколебливи и посветени на овој пристап“.
„За нас безбедноста и европската интеграција на Западен Балкан е исклучително важна. Ова е инвестиција во стабилноста на цела Европа и ја препознаваме како земја која во 2018 година го започна, го охрабри и катализираше овој процес. Ги знаеме и ги чуваме нашите национални интереси и интересите на целата Европска унија“.
Македонија
Меџити во Вашингтон: Вербата и пријателството меѓу народите се мостовите што нѐ поврзуваат и врз кои треба да ја градиме иднината
Првиот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити, денешниот ден во Вашингтон го започна со учество на „Молитвениот појадок“, традиционален и значаен настан кој обединува политички лидери и влијателни личности од целиот свет.
На овој настан, Меџити ја истакна важноста на дијалогот и рефлексијата, како и клучната улога на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Тој нагласи дека за време на неговата посета на Вашингтон е посветен на зајакнување на врските на Северна Македонија со демократскиот свет, промовирајќи заеднички вредности и пријателство меѓу народите.
„Вербата, вредностите и пријателството меѓу народите се мостовите што нѐ поврзуваат и врз кои треба да ја градиме инклузивната иднина,“ изјави Меџити.
За време на неговиот престој во САД, Меџити оствари низа значајни средби, потврдувајќи ја посветеноста на Северна Македонија за продлабочување на меѓународната соработка и зајакнување на стратешките партнерства
Македонија
Сиљановска-Давкова со тим од Државниот завод за ревизија: укажано на потребата од домаќинско управување со јавните добра и санкционирање на незаконските постапки
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија, предводен од Главниот државен ревизор, Максим Ацевски.
На средбата претседателката беше детално информирана за тековната работа и клучните алармантни наоди од Годишниот извештај за извршените ревизии.
Раководниот тим укажа на најризичните состојби и нужноста од нивно брзо и ефикасно надминување. Исто така, главниот државен ревизор ги презентираше тековните, како и планираните активности, согласно Годишната програма за работа.
Претседателката Сиљановска-Давкова изрази импресионираност од темелниот, стручен и професионален однос на ДЗР во вршењето на надлежностите, што ја вбројува во најпочитуваните државни органи дома, но и од надвор. Таа изрази особена поддршка за системскиот и транспарентен пристап кон работатата, укажувајќи на потребата од законско и домаќинско управување со јавните добра и средства, како и санкционирање на незаконските постапки.
Таа посочи дека почитувањето на наодите и препораките на ДЗР е суштинско за унапредување на отчетноста и транспарентноста во јавниот сектор.
Професионалноста и независноста на ревизорите беа истакнати како основни причини за високиот углед, рејтинг и доверба во Државниот завод за ревизија.
Се отвори прашањето за новиот Закон за државна ревизија, како и за потребата од гарантирање уставен статус на ДЗР, како гаранција за независност.