Македонија
Претпладне сончево, попладне нестабилно со дожд

Во понеделник претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, додека попладне, прво во северните делови од земјата ќе настапи нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме.
Утринските температури се движат од 10 до 18 Целзиусови степени, додека дневните ќе бидат во интервал од 24 до 35 степени. Во Скопје и околината слично време со максимална дневна температура до 34 степени.
Од понеделникот регионот ќе потпадне под влијание на влажна и постудена воздушна маса која продира од северозапад, како и висински циклон, што ќе предизвика во текот на следната работна седмица времето да биде променливо, во некои денови и претежно облачно, свежо и ветровито.
Нестабилноста ќе настапи од понеделникот попладне, на повеќе места ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, со интензивен пороен дожд силни електрични празнења и силен ветер. Потоа, во следните денови ќе има повторно обилни врнежи од дожд, на места проследени со ретки грмежи и со засилен северен ветер. На повеќе места врнежите ќе бидат изобилни.
Температурата на воздухот во вторник ќе биде за десеттина степени пониски во споредба со оние од изминатиот викенд, а од четврток ќе има постепен пораст.
Од Управата за хидрометеоролошки работи препорачуваат во случај на појава на електрични празнења поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја./крај/ухмр/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Партнерството со САД носи силна поддршка за реформи во МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тшоковски денес оствари тет-а-тет средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Средбата ја потврди блиската соработка и заедничката посветеност за јакнење на институциите и модернизацијата на системот, како темел за поуспешно справување со криминалот и корупцијата“, соопштија од МВР.
„Партнерството со САД ни носи силна поддршка за нашите реформи во МВР насочени кон професионална и ефикасна полиција, која ќе овозможи зголемена безбедност, правда и доверба кај граѓаните.“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Општина Центар: Дератизацијата не е опасност за кучињата и мачките, да не се шират дезинформации

Општина Центар ги отфрла шпекулациите дека дератизацијата претставува опасност за животните.
„Ве информираме дека дератизацијата се спроведува редовно и исклучиво од стручни лица од Центарот за јавно здравје, со употреба на методи и средства кои се безбедни и не претставуваат закана за кучињата, мачките и другите домашни миленици. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени и неточни информации кои во јавноста се пласираат од одредени неквалификувани и нелиценцирани лица или организации. Ваквите дезинформации неосновано предизвикуваат страв и паника кај граѓаните и непотребно ја вознемируваат јавноста“, велат од Општината.
Македонија
СДСМ: Мицкоски пак манипулира, со инфлација од 4,8%, реалниот раст на БДП е -1,4%

Со инфлација од 4,8% повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од -1.4%, а граѓаните тонат во сиромаштија, велат од СДСМ.
„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста. Граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година.