Македонија
Претседателот Иванов приреди ифтарска вечера
Претседателот Ѓорге Иванов, во четврток вечер, во Вила Водно, приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан.
Македонскиот претседател обраќајќи се пред присутните гости – поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема хаџи Ефенди Сулејман Реџепи, муфтии, претставници на јавниот и на политичкиот живот, како и претставници на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, истакна дека Македонија ја негува вековната традиција на соживот и заемно почитување во кои преовладуваат вредностите кои претставуваат „мост на зближување“ помеѓу сите граѓани на нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Претседателот Иванов на присутните и на сите припадници на исламската вероисповед им го честиташе светиот месец Рамазан. „Месецот Рамазан е најсвет месец во исламот бидејќи токму во овој период верниците имаат можност да ги исполнат тие заповеди за пости и молитва, за милост и солидарност кон посиромашните, но и за почитување на различните“, истакна претседателот Иванов. „Ова е особено важно денес, кога живееме во време на предизвици. Нашата држава, минува низ длабока политичка криза. Нашиот континент, пак, минува низ криза на европската идеја “, рече претседателот Иванов и порача дека добрата мисла, почитувањето и прифаќањето на различноста ни помага да напредуваме заедно кон заедничка иднина. Македонскиот претседател истакна дека „како што ние во Македонија знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така треба да научиме да живееме со нашите најдлабоки политички разлики“. „Верувам дека оваа позитивна лекција треба да им ја пренесеме и на другите наши политичари. Затоа што само така ќе ја продлабочуваме почитта меѓу граѓаните на Македонија“, порача претседателот Иванов. Поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема, хаџи Ефенди Сулејман Реџепи му се заблагодари на претседателот Иванов за приредената ифтарска вечера поздравувајќи го овој потег на Претседателот како чин кој придонесува кон зголемување на меѓусебната почит, толеранција и разбирање помеѓу граѓаните на Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

