Македонија
Продолжува сослушувањето на осомничените од „Титаник“ во Судот
Во понеделник во Основниот суд Скопје 1 треба да продолжи сослушувањето на лица осомничените во првиот случај на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“ за изборни нерегуларности.
Како што најавија од Судот, во понеделник пред судија на претходна постапка од Одделот на кривично полнолетни, во договор на судијата и обвинителот, треба да се појави Исмет Гуру, член на општинската изборна комисија на Чаир.„Со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на Општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од Комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците“, рече во петокот обвинителката Фатиме Фетаи.Засега нема информации од Судот дали на сослушување ќе се појават и дали се во земјава поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски кои не дојдоа во Судот бидејќи биле на патување.Во петокот во судот се појавија градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и поранешниот Министер за внатрешни работи, Миле Јанакиески. За нив и за уште две лица Судот го одби предлогот за притвор, а за четворица дополнително ќе се утврдува, откако ќе дојдат на сослушување во судот. Темелко треба да се јавува во судот во Ресен еднаш неделно, како алтернативна мерка.СЈО побара притвор за осум лица кои ги сомничи дека ги местеле изборите во 2012 година. Побаран е притвор и Гуру и за него дополнително ќе биде донесена одлука. Специјалното јавно обвинителство поднесе жалби на решенијата на Судот за одбивање на притворот. Жалбите се примени утрово и се очекува од Судот да соопштат до кога имаат рок за постапување по жалбите./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

