Македонија
Професорите од случајот „Еразмус“ си продолжиле да предаваат на Економскиот факултет
Професорите од Економскиот факултет кои беа дел од истрагата во случајот „Еразмус“, обвинети дека примале поткуп од студенти, се уште ја извршуваат својата професорска функција, со што може да влијаат врз жртвите на кривичната постапка и заради тоа Јавното обвинителство поднесе Предлог за забрана за превземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело за обвинетите во предметот „ Еразмус“.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави нов Предлог за определување на мерка на претпазливост против шест лица обвинети во предметот познат во јавноста како „Еразмус”. Со цел да превенира состојби што можат да го попречат нормалното водење на кривичната постапка и за кои смета дека во овој момент од постапката се оправдани, јавниот обвинител оцени дека покрај веќе изречените мерки на претпазливост има потреба од изрекување на мерката на претпазливост „забрана за превземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, со времетраење до правосилно окончување на кривичната постапка.Имено, и покрај истражната постапка, објаснуваат од Обвинителството, забележано е дека обвинетите продолжуваат да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет во Скопје и притоа се во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и жртвите во кривичната постапка што се води. Со оглед на тоа што кривичните дела за кои се води постапка се поврзани како со извршувањето на нивните работни активности, така и со студентите и со меѓусебната комуникација на факултетот, јавниот обвинител цени дека со судска одлука на обвинетите треба да им се забрани да ги извршуваат работните активности до правосилното завршување на постапката.За предметот „Еразмус” , Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од јуни оваа година постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи – Единица за корупција, спроведуваше истражна постапка против шест лица . Истражната постапка се спроведуваше поради постоење на основано сомнение дека двајца од обвинетите сториле кривично дело – Примање поткуп, едно лице кривично дело – Примање поткуп и кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание , две лица дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување и едно лице за кривично дело – Давање поткуп. Тогаш Основниот суд Скопје 1- Скопје со Решение на обвинетите им изрече мерки на претпазливост со кои се стекнаа со обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган и им беа одземени патните исправи за преминување на државната граница./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

