Македонија
Професорскиот пленум до Премиерот: Имаме само една сугестија, повлечете ги измените
Професоркиот пленум бара од Владата веднаш да ги повлече измените за Законот за високо образование, откако во вторникот Владата побара професорите и студентите да ги испратат предлози за измените на Законот за високо образование.
„Почитуван Премиер на Република Македонија, Професорскиот пленум со особено задоволство Ви соопштува дека има една сугестија за предлог-измените на Законот за високото образование: Повлечете ги веднаш“, се вели во соопштението од Пленумот.
Владата преку соопштение до јавноста ги повика професорите и студентите да испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи.
„Владата на Република Македонија упатува уште еден повик и замолница, до сите субјекти кои имаат интерес и конкретни и аргументирани идеи и предлози за понатамошно унапредување на реформата, до сите универзитети, до целата професорска фела и до сите студенти, вклучувајќи ги и оние професори и студенти кои побараа а во текот на вчерашниот ден и прифатија учество во дебата а потоа решија да не присуствуваат на истата, да ги испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи, до Владата или до Министерството за образование и наука во писмена верзија, за да може да бидат соодветно, детално и сеопфатно разгледани и да се увиди можноста за нивно вградување во законските решенија“ се вели во соопштението од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација

