Македонија
Промоција на третиот том од публикација „Mеѓународни документи за независно и ефикасно судство“
Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, со цел да го доближи меѓународното право, судската пракса на најголемите и најзначајните судови, меѓународните документи и договори, како и европската легислатива до националните судии продолжува континуирано да работи на нивно преведување, објавување на веб страницата на Академијата како и нивна систематизација и публикување.
Резултат на тие заложби е публикувањето на поголем број публикации меѓу кој и книгите со наслов „Меѓународни документи за независно и ефикасно судство“ том 1 и том 2, кои во ноември 2010 година беа публикувани од страна на Академијата за судии и јавни обвинители со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ, во кои беа содржани Мислењата на Советодавниот совет на европските судии (ССЕС) при Советот на Европа, селектирани референтни меѓународни документи кои ја гарантираат независноста и ефикасноста на судството, како и одбрана пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, сите преведени на македонски јазик.
Новините од областа на правото на меѓународната сцена претставуваше предизвик за нивна повторна систематизација во Третиот том од истоимената публикација во која се содржани Мислењата на ССЕС 13-16, референтни документи и селектирана судска пракса на Европскиот суд за човекови права, која ќе биде промовирана на 26 септември 2014 година во просториите на Академијата, со почеток во 10 часот, а во чиј фокус ќе се најде Мислењето 16 на ССЕС кое е посветено на односите меѓу судиите и адвокатите.
Третиот том на публикацијата повторно е издаден во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Воведот на книгите, систематизацијата на Мислењата и другите референтни документи се изготвени од страна на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, судија Анета Арнаудовска, која воедно е и член на работната група на Советодавниот Совет на Европските Судии, работна група, која ги подготви овие Мислења.
На промоцијата поканети се да присуствуваат високи претставници на правосудните институции во Република Македонија, судии и јавни обвинители, претстaвници на странски партнери на Академијата, како и претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија.
Настанот со поздравно обраќање до присутните ќе го отворат амбасадорот Ралф Брет, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и директорот на Академијата, Анета Арнаудовска.
На промоцијата по повод Мислењето 16 на ССЕС излагање ќе има и претседателот на Советодавниот совет на европските судии, Барт Ван Лиероп, кој воедно е и судија на Апелациониот суд во Хаг, Кралството Холандија. За односите меѓу адвокатите и судиите на промоцијата ќе говори претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски, додека директорот на Академијата, судија Анета Арнаудовска, како член на работната група на ССЕС ќе ги претстави активностите на Република Македонија во рамките на на Советодавниот совет на европски судии./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

