Македонија
Промовирани 14 нови наслови на универзитетски книги преведени на албански
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, во вторник присуствуваше на промоција на 14 нови наслови на универзитетски книги преведени и објавени на албански јазик.
Новите наслови кои се промовираа во просториите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците се од областа на туризмот и бизнис логистика, визуелните уметности, природно-математичките науки, транспорт и телекомуникации, и механички и електротехнички науки. Во оваа пригода Адеми рече дека важноста и улогата на книгата отсекогаш биле скапоцени и незаменливи. Внатрешноста на секоја книга во себе ги чува најголемите богатства кои ги создава и ги поседува една личност.
„Книгата нема возраст. Таа се става во служба на секоја индивидуа, без разлика на возраста, професијата или обемот на знаење. Книгата е водич за секој поединец во утврдувањето на интелектуалните способности кон поздрава, посигурна и понадежна иднина. Колку што човекот повеќе знае,толку повеќе му е пријател книгата. Писателот, историчар и француски филозоф Волтер, во времето кога живеел и дејствувал, напишал: „Во животот имав само еден вистински и искрен пријател – книгата”. На сите ни е познато дека образованието е клуч за одржлив развој на секое општество. Едно такво посакувано образование може да изградиме ако создаваме книги, учебници, едноставно кажано – квалитетната литература“, рече Адеми.
Адеми потсети дека во 2009 година, Владата на Република Македонија започна со реализирање на проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“. Досега се преведени вкупно 919 наслови, рече Адеми, но овој проект кој е од особено значење за нашите студенти, сега е во завршна фаза и се очекува на почетокот на следната година да се промовираат 81 останат наслов за превод и објавување.
„Промовирањето на квалитетот во високото образование не престанува со завршувањето на овој проект. Продолжувањето на овој проект веќе е обезбедено, не во оваа форма, но со иста цел. Во промените на Законот за високото образование оваа година, за потребите на институциите на високото образование во нашата земја, секоја година, се предвидува да бидат преведени и објавени 50 нови наслови на универзитетски книги, кои се користат на 10-те најдобри универзитети рангирани според Шангајската листа, со кои ќе им се овозможи на студентите во Република Македонија континуирано да се во тек со сите настани, достигнувања, резултати, истражувања, информации, најдобрите практики, методи, техники, форми и слично, во областите на кои студираат“, рече Адеми .
Министерот потенцираше дека таквата иницијатива значително ќе влијае на напорите на студентите да ја изградат својата личност за да ги исполнат барањата кои произлегуваат од пазарот на трудот, но исто така и да се соочат со предизвиците на глобализацијата и технолошко-техничкиот развој. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ: Единаесет дена нема одговор како пет тони дрога поминале граница
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција обвини дека 11 дена нема одговор од институциите за тоа како пет тони дрога вредни околу 40 милиони евра ја поминале македонската граница и завршиле во Србија.
„Единаесет дена јавноста чека одговор. Единаесет дена власта молчи. Како 5 тони дрога, по некои проценки вредни околу 40 милиони евра, ја поминале македонската граница и завршиле во Србија? Кој ќе одговара?“, праша Кузеска.
Таа оцени дека молкот не е случаен и дека, според неа, станува збор за скандал кој „води кон врвот на власта“, обвинувајќи дека некој се обидува да го заташка случајот.
Според Кузеска, наместо одговори, јавноста гледа „дефокус“ и „медиумска магла“, додека премиерот Христијан Мицкоски, кој го нарече македонскиот Мадуро, во јавноста лицитира со количини од 25, 40, па и 100 тони.
Портпаролката на СДСМ постави прашања дали фирмите поврзани со случајот биле нелегални и зошто, доколку е така, не била направена навремена контрола, како и дали државата ги субвенционирала и дали постои ризик од евентуални отштети.
Македонија
Левица: Законот за вработување на најдобрите лекари влегува во сила
На денешната пленарна седница, со поддршка од сите парламентарни партии, се усвои предлог-законот на Левица за укинување на дискреционото право на директорите при вработување.
Од партијата велат дека Законот претставува чекор кон конечно развивање дијалог кога се работи за закони кои се од општо добро за сите граѓани.
„Со измените на Законот за здравствена заштита се укина дискреционото право на директорите на здравствените установи да одлучуваат кои кандидати ќе бидат вработени и наместо тоа со новата законска обврска ќе бидат избрани најдобрите кандидати“, наведува Левица.

Се додава дека подобро и прогресивно општество се гради само преку вреднување на трудот на најквалитетните умови, а со усвоениот закон на Левица се трасира патот во таа насока.
Македонија
Центар е домаќин на обука за наставници за детските права
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски присуствуваше на обуката за наставници во центарското основно училиште „Свети Кирил и Методиј“, која се реализира во рамки на проектот „Нашите права“, проект на Република Словенија, насочен кон унапредување на образованието за човекови права и правата на детето.
На обуката присуствуваа амбасадорот на Република Словенија во земјава Грегор Прескер, лидерот на проектот Бланка Јамнишек, претставници на Бирото за развој на образованието, и здружението Центарот за човекови права и разрешување конфликти од Скопје, како и наставници од повеќе скопски училишта.
„Ова е проект што заслужува особено внимание. Нашите ученици треба да ги знаат своите права за да се почитуваат себеси но и другите. Чест ми е што домаќин на работилницата е токму центарското училиште „Свети Кирил и Методиј“, најстарото во државата, но секогаш прво во прифаќање нови методи, обуки и трендови во образованието“, рече Герасимовски.
Проектот „Нашите права“ има цел преку обука на наставниците да го зајакне подучувањето и учењето за човекови права и правата на детето, да поттикне почитување и разбирање уште од најрана возраст и да придонесе кон мир и безбедност во заедницата. Станува збор за глобален проект што се реализира во 27 земји во Европа, Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка и Австралија, а е наменет за деца на возраст од 10 до 12 години. Во проектот се вклучени и деца од малцински заедници, вклучително и ромски деца, додека наставната алатка „Нашите права“ се користи на 24 јазици и е дел од Светската програма за образование за човекови права.

