Македонија
Протест на мигрантите на македонско-грчката граница
Околу 300 мигранти од земјите во коишто нема војна повторно протестираа на грчко-македонската граница, кај Гевгелија, јавува репортерот на РТС од грчката страна на границата.
За време на протестот кој траел 45 минути, над десетина економски мигранти, главно од Иран, се качиле на оградата и ги повикувале другите да се придружат на протестот.Голем број мигранти дошле до оградата од грчката страна, а во првите редови биле ставени деца. Со себе носеле транспаренти на коишто пишувало „Ние не сме терористи, сакаме мир“, „Фала на помошта“. Извикувале „Полиција, ве молиме, отворете ги границите, станува студено“ и „Ве молиме помогнете. Не сме животни“.Потоа се повлекле на пограничната територија на Грција. Македонските безбедносни сили, пак, фатиле голема група мигранти кои некако успеале да ја заобиколат жичаната ограда и ги вратиле во Грција. На секои 15 до 20 минути стигнуваат нови групи економски мигранти кои илегално влегле во Македонија и специјалците ги враќаат на другата страна од границата. Преминот го чуваат два кордона полиција, а голем број специјалци и натаму стигнуваат во Гевгелија. Војската подготви водени топови и солзавец. Според очевидци пристигнале и оклопни возила, а воената полиција ги отстранила новинарите од граничниот премин.Протестот е кулминација на незадоволството на мигрантите, бидејќи минатата вечер во Македониja влегле неколку илјади луѓе од Сирија, Ирак и Авганистан, додека другите со денови чекаат од другата страна на границата. Оние кои влегле во земјата, уредно ја минале границата и доведени се до контролниот пункт од каде исклучиво со возови се префрлуваат до Табановце, бидејќи на таксистите и превозниците им е забрането да превезуваат мигранти. И грчката и македонската војска ги проверува документите на мигрантите, откако се појави информација дека мигрантите доаѓаат со лажни пасоши кои ги плаќаат во Грција околу 100 евра. Од друга страна, на оние на кои не им е дозволен влез во Македонија спиеле во шатори на грчката страна од границата, а некои од нив ноќта ја минале во прифатниот центар Идомени. Војската од утрово копа дупки за столбови, за да ја зајакне жичаната ограда на границата со Грција. Се претпоставува дека ќе биде ставена двојна жица за да се спречат илегалните влезови во Македонија. Во наредните денови се очекува оградата да биде завршена за да се покријат сите важни точки кои ги користат мигрантите. Досега е изградена ограда долга околу осум метри, а планот е ѕидот кон Грција да биде долг околу 50 километри./крај/мф/
Извор: RTS
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

