Македонија
Протест за „скриеното убиство“ на Мартин Нешкоски, една година од објавувањето на „бомбата“
Граѓанското движење „Протестирам“ за во четврток најави протести за како што велат „скриеното убиство“ на Мартин Нешкоски кој беше убиен на 6 јуни 2011 година на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Ќе се протестира по повод една година од објавувањето на прислушуваните разговори од страна на опозицијата за убиството на Нешкоски што предизвика протести пред Владата кога имаше и повредени и приведени.„Денеска е 5 мај! Денеска е една година откако слушнавме како Груевски, Јанкулоска, Мијалков и нивните соработници се обидоа да скријат убиство! Денес е една година откако полицијата насилно влезе и удри по студентите во библиотеките! Денес е 5 мај! Тие се на слобода, но ние сме на нозе!“, соопштија од движењето.Според она што беше објавено во разговорите, тогашниот шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, Дејан Митровски – Урко и неговите соработници, два дена молчеле за деталите за убиството на Мартин Нешкоски на плоштад, ноќта по изборите на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, од полицаецот на должност Игор Спасов.Митровски го викнал Спасов да дојде во Скопје во дом на АРМ каде се славеше победата на ВМРО-ДПМНЕ и го криел убиството и од функционерите во МВР. Митровски не се појави како сведок во судот.Во разговорите се слуша, како тогашниот помошник за медиуми на Јанкулоска, Иво Котевски, за новинарите се изразува дека се „таленти, идиоти, што прашувале за убиено момче на плоштад“, како се барале начини за убиството да не известуваат медиумите…Во наводен разговор меѓу Јанкулоска и Котевски се слуша: „Велат дека Алфите убиле дете, а тој е починат, од смрт, нема траги од насилство, на плоштад…“, „Нека дојде нека даде изјава… денес е победнички…“Во наводен разговор меѓу Јанкулоска и Протуѓер, тој бара да одговорат „за некое дете што било убиено на плоштад…“, „Одговоривме, нема такво нешто, од обдукцијата нема траги на насилство… не е ни пријавено… тој наркоман бил изгледа…“Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска по објавувањето на „бомбата“ изјави дека е сосема ирелевантно дали осудениот за убиството, Игор Спасов бил или не бил на работа во моментот на убиството.Според Јанкулоска, МВР максимално брзо, во рок од 22 часа го расветлила убиството и фактот дали Спасов бил на работа или не во моментот на убиството и дали имал писмена или усна наредба не го намалувало степенот на одговорност на осудениот.Истрагата на Министерството за внатрешни работи ја кочело тоа што до полицијата немало никаква пријава ниту за исчезнато лице, а имале проблем и да го утврдат идентитет на лицето.Министерството имало писмен материјал со службени белешки за претпоставените на Спасов, а како што рече Јанкулоска, биле повикани и како сведоци пред суд.По објавувањето на снимките од опозицијата, пред Владата беа организирани протести на повик на братот на убиениот Мартин преку социјалните мрежи, на коишто се бараше оставка од министерката Јанкулоска. На протестите беа повредени 38 полицајци, а 30 демонстранти беа приведени.Спасов одлежува затворска казна за овој случај од 14 години./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

