Македонија
Протестирам одново протестираше против криминалот и аболицијата

И во понеделникот вечерта продолжија протесните поворки на движењето Протестирам во ткн „Шарена револуција“ кое ги повтори своите барања од импровизираната говорница пред Собранието за укинување на аболицијата од страна на Претседателот Ѓорге Иванов за 56-те политичари и други функционери од процеси кои може да произлезат од прислушуваните телефонски разговори.
Веќе традиционално собирот започна во 18 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство по што приврзаниците на движењето Протестирам и на опозицијата ја започнаа вообичаената поворка низ центарот на Скопје овојпат под мотото „Не за криминалот! Не за аболиција!“, што беше истакнато на големиот транспарент носен на чело на поворката.
Демонстрантите носеа носеа и кукли со ликовите на поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, и поранешниот челник на управата за државна безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, и поранешниот шеф на кабинетот на премиерот Мартин Протуѓер, кои беа ставени во импровизирани затворски келии.
Во понеделникот со пораката дека „народот е разбуден“ на демонстрантите им се обратија Мите Митев, од Демократскиот сојуз на Власите, Бојан Маричиќ од невладината МЦЕО објаснувајќи го ставот за поништувањето на аболицијата, Замир Мемети за кого „Шарената револуција“ е „гласот на разумот“
„Ве плаши ова историско будење на Македонија. Криминалците во затвор“, му порача Мемети на министерот за внатрешни работи Митко Чавков.
Демонстрантите и овојпат со балони со боја гаѓаа кон зградата на Владата и кон Собранието./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на САД и учество на Генералното собрание на ОН

Во периодот од 17 до 26 септември, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, која опфаќа посета на Вашингтон и учество на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во Вашингтон, министерот Муцунски ќе се сретне со високи претставници на Стејт департментот, при што ќе се разговара за унапредување на политичкиот дијалог, трговската соработка и унапредување на стратешкото партнерство. Тој ќе учествува и на тркалезна маса на Американско-централноевропската деловна асоцијација, а се планирани и средби со конгресмени и сенатори. По повод Денот на независноста и 30 години дипломатски односи, министерот ќе се обрати на настан со македонската дијаспора во регионот на Вашингтон.
Шефот на дипломатијата ќе биде дел од македонската државна делегација која ќе учествува на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Темата на овогодинешната сесија е „Подобро заедно, 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
За време на високата недела на Генералното собрание, министерот Муцунски ќе оствари бројни билатерални средби со колеги од европски и воневропски земји, како и со претставници на А5, ПСЈИЕ, ЦЕИ, земјите од Западен Балкан и неформалната мрежа за поддршка на МКС. Тој ќе учествува и на Трансатлантската вечера во организација на државниот секретар на САД, Марко Рубио, како и на бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции.
Од мултилатералната агенда на ОН, министерот ќе се обрати на неколку настани, меѓу кои: Првиот биенален самит за одржлива, инклузивна и отпорна глобална економија; тркалезна маса на тема „Европа и САД во време на глобална економска фрагментација“; и дебата на високо ниво на Советот за безбедност на ОН на тема „Вештачка интелигенција и меѓународен мир и безбедност“. Тој ќе биде домаќин и на работниот појадок со земјите членки на Јадранско-Јонската иницијатива.
Пред почетокот на официјалната програма во Њујорк, министерот ќе го посети фестивалот на храна во македонската црква „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, како и македонската црква „Св. Климент Охридски“, каде ќе се сретне со македонската дијаспора од регионот на Њујорк и Њу Џерси.
Македонија
Шукова: Загадувањето од греењето мора да се намали

Кандидатката за градоначалник на Скопје и поранешна министерка за животна средина во времето на владеењето на СДСМ, Каја Шукова, најави план за намалување на загадувањето.
„Убаво е на Видиковец, одовде се гледа цело Скопје. Но, во есен и зима, градот го нема. Се губи под густа магла и сив смог. Тоа не е природна појава, туку слика на едно запуштено, загадено и загушено Скопје. Дали дишеме воздух или отров?“ изјави Шукова.
Таа порача дека загадувањето од греењето мора да се намали и дека има конкретен план со мерки за поквалитетен живот и почист воздух. „Скопје мора да биде град со чист воздух. Ова не е само еколошко прашање – овде се работи за здравје и квалитет на живот,“ додаде Шукова.
Македонија
Владата ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкцијата на најстариот спортски комплекс во Куманово, најави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети општина Куманово, каде заедно со градоначалникот најави реконструкција на најстариот спортски комплекс „Соколана“. За овој проект, Владата ќе обезбеди 700.000 евра.
„Сакам да изразам задоволство што сум еве денеска заедно со градоначалникот овде во Куманово, да честитам за сето она коешто го прави изминатиов период, но исто така заеднички да сработиме уште повеќе во периодот којшто следи. Еден од тие објекти е и овој за којшто веќе градоначалникот зборуваше,“ изјави Мицкоски.
Тој се заблагодари и на советниците и општинската администрација, за кои, како што рече, „ја поддржуваат успешната работа на градоначалникот“.
Посетата на спортскиот комплекс следела по средбите со стопанственици од Куманово, кои, според Мицкоски, упатиле исклучително позитивни коментари за соработката со општината.
„Заедно Владата, Општината, градоначалникот правиме исклучително добри работи и ќе продолжиме да правиме исклучително добри работи за Куманово,“ рече тој, додавајќи дека посебна благодарност упатува и до пратениците од Куманово „коишто се борат Куманово да има проект повеќе којшто ќе биде финансиран од страна на Владата“.
Мицкоски нагласи дека реконструкцијата на „Соколана“ ќе чини околу 700.000 евра и средствата ќе бидат обезбедени од Владата. „Проектот е изработен, останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата, во што сум сигурен, средствата ќе бидат обезбедени и ќе почне реконструкцијата на овој објект,“ истакна премиерот.