Македонија
(Видео) Слупчане без и со струја: Гнев кај жителите, штети имаат и тие кои плаќаат сметки, еден упати и повик да се запали ЕВН
Нервоза и гнев имаше денеска кај жителите на кумановско Слупчане кои останаа 24 часа без струја. Додека траеја преговорите на ниво Слупчане-Општина Липково-Министерство за економија-ЕВН. Eкипата на „Макфакс“ беше во селото. Жителите немаа разбирање за екипите на Електродистрибуција. Имаше такви кои редовно плаќаат давачки кон компанијата, како и други кои имаат заостанати сметки. Заедничко им беше што сите останаа во темница. Жител, повика и да се запали ЕВН, бидејќи смета дека се виновни што немаат разибрање за нив. Локален кафанџија посочи дека трпи штети што струјата е исклучена без никаква најава, а тој ги има сите сметки платени. Претставникот на Слупчане на состаноците во Липково кажа што се случувало во текот на преговорите.
„Од 1000 луѓе има 10 вработени. Од што да платиме струја? Нема ништо. Функционираме без струја, на свеќи, нема вода. Или да се запали оваа држава или да се најде решение. Не може цело село без струја. Не само нашето село, туку и другото и третото. Штетата ќе биде голема ако нема уште долго струја. Има луѓе што плаќаат струја, малку се тие кои немаат за да платат. Јас на работа не сум, имам студент. Од што да платам струја? Јас мислам дека државата не разбира ништо. Државата треба да ја запалиме, да разбира – тешко. ЕВН треба да ја запалиме како што ја запалија во Бугарија. Нив треба да ги запалиме. Тие се криви. Како што ги запалија во Бугарија. Тука треба како во Франција, ќе правиш милијарда штета на државата, нека мислат после што ќе прават. Сегде поевтини струјата, овде ја кренаа цената“, рече гневен жител.
Во Општина Липково имало и состанок. Претставник на Слупчане, кажа за што ќе се дискутира со директорот на КЕЦ Куманово на ЕВН, жители и градоначалникот. Претходно, министерот за економија, Крешник Бектеши, помогнал да се смират ЕВН и Слупчане.
„Се јавивме на министерот за економија, тој побара ние да гарантираме за овие работи и ние затоа гарантиравме. Разговаравме со директорот од ЕВН за точки кои се во интерес на жителите. Донесовме заклучок да дојдат да пуштат струја“, рече Абдула Абази.
Но штета од 24 часовниот прекин има. Локалниот кафанџија Исеини посочи дека сите сметки му се платени, а тој е без струја. Покажа сметки, но и фотографии од кујната. Рече дека штетата за еден ден му е минимум 700 евра бидејќи не можел да приготвува храна.
„Имам четири фрижидери со месо. Ако тоа се расипе? Каде да се жалам? Се ми е платено. Научија да викаат ‘Крадат, крадат во село’. Никој не краде. Колку добиваме сметка, толку плаќаме. Јас имам пари, плаќам. Кој нема – нема. Душата ли да им ја земеш? Младите тука не работат. Нека дојде државата види. Е сеа плати.. Толку има, продава две кила компири за да плати“, рече кафанџијата.
Екипи на ЕВН ја вклучија струјата. Тие не беа нападнати, ниту попречени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа, за Мицкоски тоа е историски момент и признание за нивото на демократија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа и дали можеме да го цениме ова како напредок, изјави дека тоа е историски момент.
„Ова е историски момент, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста. Односно, Македонија веќе не е опфатена со пост мониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, сите овие фронтранери во регионов, нели имаме фронтранери во европските интеграции или се во мониторинг или се во пост мониторинг. Пред само три-четири месеци, земја членка на ЕУ, како Бугарија, излезе од овој пост мониторинг, сега и ние излегуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата.
Ќе ве потсетам, дел од вас бевте присутни пред неколку дена, кога ми беше поставено прашање, дали Владата влијае на слободата на говорот. Еве еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси коишто ги мониторира Советот на Европа“.
Според него, тоа е уште една добра вест, покрај онаа каде Европската Унија го препозна проблемот со камионџиите.
„Тоа е уште една добра вест, покрај онаа со којашто Европската Унија го препозна проблемот со, не само камионџиите, би рекол, со друмските превозници, зборувам тука и на товарниот и на патничкиот сообраќај, не е само тоа случај кај превозниците со камиони. Но, во периодот што следи ќе има уште многу добри вести. Така што сите оние невистини, лаги од страна на опозицијата коишто беа кажувани изминатиов период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите коишто ги засилуваат лагите на опозицијата, мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене и на Владата. Еве нема поголем демант од овој којшто дојде директно од Стразбур, од Советот на Европа. Којшто вели Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот и дека таа држава е зрела, да понатаму ја гледаме како навистина зрела демократија, за разлика од другите земји од Западен Балкан. Сите се или во пост мониторинг или во мониторинг, вклучително тука зборам и фронтранерите Црна Гора, Албанија и така натаму.“
Македонија
СДСМ во Собранието го поднесе Законот за минимална плата од 600 евра за работниците
Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието го поднесе предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, соопштија од оваа партија.
„Согласно потребите на работниците и барањата на синдикатите, со измените вистината на минималната плата се одредува на 36.960 денари односно 600 евра.
Во образложението се наведува дека во текот на 2025 година е евидентиран континуиран пораст на инфлацијата, при што индексот на трошоците на живот бележи значително зголемување. Особено кај основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци, кои имаат директно и најсилно влијание врз месечните трошоци на домаќинствата.
Поскапувањата кај храната и основните животни намирници, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние кои примаат минимална плата“.
Ова, како што велат, особено се одразува врз најранливите категории на работници, кај кои минималната плата претставува единствен или доминантен извор на приходи.
Дополнително, според СДСМ,синдикатите, како легитимни претставници и заштитници на правата на работниците, во континуитет укажуваат на потребата од дополнително зголемување на минималната плата, со цел ублажување на ефектите од инфлацијата, обезбедување достоинствен животен стандард и зголемување на социјалната сигурност на работниците и нивните семејства.
„Финансиските импликации за овој закон се во износ од 7.500.000.000 денари.
СДСМ е на страна на работниците. Очекуваме поддршка од сите парламентарни партии.
Ајде да обезбедиме достоинствена плата за работниците. Време е“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Воведувањето на комунална полиција приоритет, политиката нема да има место во управниот одбор на ЗЕЛС
Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес ја предводеше втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во новиот состав, на која беа разгледани и усвоени повеќе прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната администрација во државата.
Седницата беше со посебен фокус на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, јакнењето на институционалните капацитети на општините и воспоставувањето поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи за управување. Во таа насока, беше истакната важноста од воведувањето на современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени, со цел поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво.
Дополнително, беше нагласена потребата ЗЕЛС да настапува обединето и со единствен став по клучните прашања, со што се зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните.
претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски:
Денес ја одржавме втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која разгледавме и усвоивме неколку значајни точки од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа, објави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„Особена чест ни беше присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, сега поставен како единствен информативен центар за целата администрација.
Со ова решение, ќе се воспостави современ и функционален модел за собирање и управување со податоци за сите вработени, што претставува сериозен исчекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна јавна администрација.
Неговата имплементација е повеќе од добредојдена и ќе донесе конкретни придобивки и за вработените и за јавните претпријатија.
И на оваа седница, повторно јасно нагласив дека Управниот одбор на ЗЕЛС е тело во кое политиката нема да има место.
Така беше и во мојот претходен мандат, така ќе биде и во иднина.
Овде сме обединети околу заеднички цели и за многу прашања ќе мораме да настапуваме со единствен, заеднички став.
Очекувам силна, искрена и плодна соработка со сите членови, затоа што колку ЗЕЛС е пообединет, толку повеќе добиваат општините, а со тоа и нашиот народ.
Воведувањето на комуналната полиција, преку новите законски измени, останува наш јасен приоритет за конечно воспоставување ред, дисциплина и поголема ефикасност на локално ниво.
Убеден сум дека овој состав на Управниот одбор ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на процесот на децентрализација, во интерес на граѓаните и рамномерниот развој на општините.

