Македонија
„Ровер“ се одложи, Бошкоски не беше спроведен од затвор
Судското рочиште за случајот „Ровер“ во којшто обвинет е лидерот на Обединети за Македонија и поранешниот Министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски се одложи во петокот, бидејќи судијката од судечкиот совет била на боледување.
На судењето не беше спроведен Бошкоски кој во затвор ја одлежува затворската казна за случајот „Кампања“ за нелегално финансирање на изборна кампања и злоупотреба на службената положба. Судијата Илија Трпков рече дека Бошкоски не бил спроведен по негова интервенција, за да не се прават трошоци, со оглед дека неговата колешка судијкa била на боледување. Од Специјалното јавно обвинителство сé уште нема известување дали ова Обвинителство ќе го преземе случајот во своја надлежност, иако веќе започна со разгледување на овој случај. Во судницата реагираше обвинетиот Зоран Трајковски, поранешен шеф на обезбедувањето на Љубе Бошкоски во периодот кога овој ја извршуваше должноста министер за внатрешни работи, револтиран заради тоа што поминал три години во притвор. „Сега сите ќе се разболуваат еден по еден, и другиот судија и обвинителката, до изборите“, рече Трајковски. „Пред три ипол години на обвинетите, на инсистирање на Славица Јанковска, која беше судија на претходна постапка, им беше даден притвор најмногу врз основот опасност од бегство, додека истата судијка не им додели притвор на осомничените во ‘Титаник’. Заедничко за обвинетите во ‘Ровер’ и во ‘Титаник’ е тоа што неколкупати бевме повикани, и во обвинителството и во МВР, за да даваме изјави и соработувавме со сите органи, а надвор од закон, на инсистирање на вториот судија во ‘Ровер’, нам ни беше продолжен притворот на 13. 10.2014 година, иако поминаа две години од подигнување на обвинителниот акт и поминавме во притвор три години, односно 1.073 дена“, рече Трајковски.Тој рече дека очекуваат наредната недела Специјалното обвинителство да се изјасни дали овој случај ќе биде во нивна надлежност.Ова е трето по ред судење за случајот „Ровер“ откако Апелација го врати двапати предметот на повторно судење, а обвинетите беа ослободени од притвор. Приврзаниците на Бошкоски во четвртокот обвинија дека функционери од власта вршеле притисок Бошкоски да не биде пуштен од затвор до изборите, иако ги исполнувал условите./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

