Македонија
АМСМ: Сообраќајот по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Од вторникот, ЈП Македонијапат изведува градежни работи (машинско асфалтирање, надоградба на постоечката подлога на коловозот) на патниот правец А2 Тетово – Гостивар крак – село Неготино, од 8 до 16 часот, од понеделник до сабота, во период од 20 дена. Додека се изведуваат градежните работи, тешките товарни возила не можат да го користат овој патен правец. На местото на изведување на градежните работи е поставена соодветна сообраќајна сигнализација како и физичко обезбедување со знаменца, а сообраќајот се одвива наизменично во двата правци.
Од ЕВН е најaвено дека од 3 октомври, напојувањето на тунелите на патот Демир Капија – Смоквица од страна на Демир Капија е исклучено неколку денови. Од оваа причина, напојување има само од страна на Удово. Доколку дојде до прекин во напојување од двете страни сообраќајот на автопатот Демир Капија – Смоквица во двете насоки ќе се одвива под посебни услови во тунелите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.